Бектеши: ДУИ е против кратење на платите за целата јавна администрација

Министерот за економија, Крешник Бектеши прифаќа неговата плата да биде 14.500 денари како што предлага СДСМ, но смета дека такво кратење не треба да се однесува на целата јавна администрација.

Мојот личен став како министер за економија, но истовремено и ставот на ДУИ, политичката партија од каде што доаѓам е дека не треба такво кратење да се направи во целата јавна администрација“, изјави Бектеши на прес конференција, одговарајќи на новинарски прашања.

Тој негираше дека вчера на седница на Владата се расправало за предлогот на СДСМ за намалување на платите во јавната администрација на 14.500 денари и рече дека тој како министер во текот на вчерашниот ден неколку пати имал прилика да одговара за предлозите на политичката партија која е и коалиционен партнер во Владата.

Да, јас сум подготвен да одам на минимална плата. Не само јас, ние како ДУИ ја поддржуваме мерката што се однесува на одење на минималец за сите за сите функционери и именувани лица, но сме против да се оди на минимална плата за целата јавна администрација. Имаме наши предлози и би ги охрабрил сите стопански комори, сите невладини организации, сите експерти да достават соодветни предлози. Ние мислиме дека има и други ставки во Буџетот каде може да се скрати првично и да одиме фазно“, изјави Бектеши.

Тој додаде дека трошокот од оваа пандемија треба да го сносиме сите, но во моментов треба да почне со намалување на платите на функционерите, откажување на секакви плаќања во управни и надзорни одбори и слично, а потоа да се видат и другите фази, имајќи во предвид како се движат приходите кои треба да ги соопшти Министерството за финансии по што би се донеле соодветни одлуки. (М.Ј.)