Бектеши до Милошоски: За такви како тебе не треба да има место во политиката


Министерот за економија, Крешник Бектеши, по денешниот инцидент во Собранието и физичката пресметка помеѓу претседателот на Комисијата за европски прашања Арбр Адеми и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и АА, на Фејсбук напиша дека пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски нема придонесено ништо за државата, освен поделба и национализам и по тоа ќе биде запаметен.

„’Политичар’ каков што е Антониjо Милошoски, кој ништо, ама баш ништо нема придонесено за оваа држава, освен поделби, национализам и омраза, ниту пак ѝ дал на Македонија нешто вредно што треба да се памети, единствено по што ќе остане запаметен во времето е кога за него Албанците не требаше да имаат образование, уште помалку високо образование. Антонијо, твоето време одамна помина, за личност каква што си ти во држава која е членка на НАТО воопшто не би требало да има место на политичката сцена“, напиша Бектеши. 

Инцидентот што се случи денес во Собранието е според истото сценарио како и  другите инциденти досега испровоцирани од ВМРО-ДПМНЕ и втор таков насочен да извади од такт функционер на ДУИ, по тој со Талат Џафери, играјќи на линија на нарушување на меѓунационалните односи.  Изминатите денови ВМРО-ДПМНЕ исто така тврди дека шефот на дипломатијата и ДУИ генерално работат Македонија да не добие датум, а Албанија да оди напред во евроинтеграцијата, практично обвинувајќи ги дека работат на Голема Албанија.

Не е првпат исто така кога Македонија се наоѓа пред клучни одлуки околу ЕУ да се прават разно разни циркуси на штета на нашата евроинтеграција и земјата намерно да се дестабилизира политички. Иако од Владата најавија дека деновиве ќе продолжат преговорите со француското претседателство, од опозицијата затрупаа со соопштенија дека власта „тајно“ преговара за преговарачката рамка, како да треба да биде обратно, да не прави ништо околу нашите преговори со Унијата и спорот за Бугарија.    

Од ВМРО-ДПМНЕ, по ова свесно провоцирање, сепак  го обвинија  Адеми од ДУИ за насилничко однесување и навреди во Собранието.

„Поранешниот министер за образование на ДУИ и СДСМ необразовано физички се пресметува со колеги пратеници, демонстрира насилие. Вака се однесува претседателот на КЕП! Понижување, насилство и навреди во Собрание! Македонија наместо Европа стана див запад со ’каубоите‘ од власта!“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Реакција имаше и државниот секретар во Министерството за култура, Валмир Азири, кој му даде поддршка на Адеми.

-Антиалбанец како Милошоски заслужува и повеќе, времето на продавачите на магла заврши, новите генерации Албанци ќе им ги скршат рацете и нозете на сите што ќе се обидат да ги понижат Албанците, напиша Азири и додаде емотикон со тупаница. Од ДУИ пак официјално порачаа дека секогаш кога тема на расправа и на дневен ред во Собранието е воспоставувањето правда во државата, ВМРО ДПМНЕ и Алијансата за Албанците провоцираат вербално и физичко насилство  за да го заштитат криминалот.

„Денеска на седницата на Комисијата за европски прашања уште еднаш се докажа дека ВМРО ДПМНЕ и другите опозициски партии со насилство ја блокираа работата на Комисијата и токму пратениците кои се под истрага, поттикнаа инцидент и ја прекинаа седницата.

Демократската унија за интеграција ги информира граѓаните и пошироката јавност дека Собранието ќе продолжи да функционира во прозападно-американски дух и ќе ја поддржи реформската агенда во партнерство со Соединетите Американски Држави и Европската Унија, се наведува во партиското соопштение.