Бекер повеќе не е тренер на Руне


Гентофте – Тениската легенда, Борис Бекер повеќе нема да биде главен тренер на Холгер Руне, потврди во вторникот самиот Германец.

Поранешниот тренер на Новак Ѓоковиќ се врати во тренерската работа токму со соработка со Руне, по отсуството што го имаше поради затворската казна.

-Сакам да ве информирам дека веднаш престанувам да ја извршувам улогата на главен тренер на Холгер Руне. Оваа соработка ја започнавме со цел да стигнеме до завршниот АТП Мастерс минатата година, но за да биде успешна соработката во иднина, сфатив дека ќе треба да му стојам на располагање на Холгер многу повеќе отколку што беше случај досега. Поради лични и професионални обврски, во моментов не можам да му го дадам на Холгер тоа што го сака. Му посакувам се најдобро и секогаш ќе бидам негов фан број еден. Навистина го ценам нашето заедничко патување, стои во пораката објавена од Бекер на Твитер.

Бекер е шесткратен Гренд слем шампион и поранешен прв играч на АТП листата.

Што се однесува до Руне, тој има слаб почеток на сезоната. На Австралија опен беше запрен уште во второто коло од Французинот Артур Казо, кој е бр. 80 во светот.