Бејл настапи за Тотенхем по 2.709 дена


Напаѓачот на Тотенхем, Герет Бејл влезе како замена во 5. коло на Премиер лигата против Вест Хем (3:3). Триесет и едногодишниот Велшанец го замени Стивен Бергвајн во 72. минута. За него ова е прв натпревар по враќањето во клубот.

Бејл играше за Тотенхем од 2007 до 2013 година, по што се пресели во Реал Мадрид за рекордни во тоа време 100 милиони евра.

Ова лето фудбалерот се врати во лондонскиот клуб на позајмица. Поминаа точно 2.709 дена помеѓу претходниот и денешниот натпревар на Бејл во дресот на Тотенхем.

Инаку, тимот на Вест Хем направи вистински подвиг, избегнувајќи пораз од Тотенхем кој до 82. минута водеше со 3:0.

„Чеканите“ примија три гола во првите 16 минути, но во последните 12 минути постигнаа исто така три погодоци и го доведоа мечот до реми.

За прв пат екипа во Премиер лигата успеа да избегне пораз, губејќи со 3:0 до 82. Минута.

По овој натпревар, Вест Хем со седум бода е на 8. место, Тотенхем има осум бода и се наоѓа на 6. позиција.