Бејкова: Инспекторите зависат и од градоначалниците и од моќниците

Речиси 42 отсто од граѓаните сметаат дека една од најслабите алки на функционирањето на локалната самоуправа се општинските служби и дека тие во голема мера зависат од волјата на градоначалниците, рече денеска Билјана Бејкова, извршна директорка на НВО Инфоцентар пред почетокот на дебатата „Како до ефикасни и независни инспекциски служби во Скопје” што се одржува во Град Скопје.

Бејкова информира дека како граѓанска организација направиле темелно истражување за состојбата со општинските инспекторати, како и истражување на јавното мислење на национален репрезентативен примерок.

-Во скопскиот регион, нашето истражување на јавното мислење покажа дека 55 отсто од граѓаните сметаат дека општинските служби и инспекторите зависат од волјата на градоначалниците. А 40 отсто сметаат дека во суштина општинските инспектори не зависат само од волјата на градоначалниците, туку дека се во маѓепсаниот круг и на моќниците, во економска и во други сфери, рече Бејкова.

Таа посочи дека анализата на состојбите внатре и од работењето на општинските служби покажува дека речиси не постои општина во земјава, вклучително и Град Скопје и скопските општини, каде имаат доволно капацитет на општинските служби. Голем дел од општините, како што рече, имаат меѓуопштински договори кои често пати се само на хартија и не се ефикасни.

-Голем проблем за општинските инспектори е што им одговараат на градоначалниците така што постои висок ризик од корупција, рече Бејкова. Потсети на едно поранешно истражување на јавното мислење кај нас, кое покажало дека граѓаните на прво место ги перципираат инспекторите како потенцијално најкоруптивни, а втори градоначалниците.

Бејкова нагласи и дека нема доволно квалитетен кадар, нема доволно инспектори, луѓето не сакаат да бидат инспектори затоа што се чувствуваат несигурно, небезбедно, не се доволно платени, немаат доволно техничка опрема, често пати законската регулатива е во колизија една со друга, постапувањата и процедурите се комплицирани… Сето ова нив ги натерално да почнат серија дебати и да се размислува за подобрување или нов модел на функционирање.

Градоначалникот Петре Шилегов денеска присуствуваше и се обрати на дебатата „Како до ефикасни и независни инспекциски служби во Скопје“ што се одржа во салата на Советот на Град Скопје.

– Идејата за реформи во организацијата на инспекцискиот надзор во главниот град, којшто во делот на локалната самоуправа е управуван од Град Скопје и уште 10 општини, потекнува од многубројните примери во праксата кои се провлекуваат во минатото, а за кои сега кај оваа политичка гарнитура на власт постои огромна политичка волја конечно да се стави крај на сите слабости кои вака организираниот систем досега ги покажувал – рече денеска градоначалникот Шилегов. 

Во Секторот Инспекторат на Град Скопје, додаде тој, ангажирани се повеќе од 60 лица, а надлежностите на инспекторите од сите области се базираат на посебните материјални закони во делот на комуналните дејности, даноци и комунални такси, патен сообраќај и патишта, животна средина, образование, спорт, туризам и угостителство.

– Од сево ова може да се заклучи дека Град Скопје и сега е подготвен да ја преземе надлежноста за целокупниот инспекциски надзор во доменот на надлежностите на локалната самоуправа на територија на целиот град. Она што треба јавноста да го знае е фактот дека се подготвува меѓуопштински договор кој до крајот на овој месец треба да го потпишеме заедно со 10-те скопски општини преку кој ќе се изврши централизирање на инспекцискиот надзор на територијата на главниот град, под капата на Град Скопје. Во тек е финално усогласување на ставовите кое ќе резултира со конечен предлог. Целта на ова е да се избегнат случаите каде што некој може да помисли, а камоли да започне да гради дивоградба во центарот на Скопје, каков што беше случајот со дивоградбата кај „Мавровка“.

На денешната дебата присуствуваа и градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски, градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски, градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, директорката на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, директорката на НВО Инфоцентар, Билјана Бејкова, како и претставници од Министерството за локална самоуправа, Државниот инспекторат за локална самоуправа и  Инспекцискиот совет на РСМ.  

Дебатата беше во организација на НВО Инфоцентарот, во рамки на проектот „Граѓански мониторинг на локалните инспекторати“, поддржан од Амбасадата на САД.