„Бехтел и Енка“ ни го чистат и отпадот во Кочани
Градежна механизација на конзорциумот „Бехтел – Енка“ од утрово почна со расчистување и санација на површина од околу 40.000 квадратни метри на комуналната депонија кај кочанското село Бели, која предизвикува еколошка катастрофа поради горењето на отпадот и испуштањето чад и штетни материи во воздухот.
На јавниот повик за помош во справувањето со тешката состојба кој Општина Кочани го упати до институциите и општествено одговорни компании во државата, позитивен одговор е добиен од американско-турската компанија.
– Градежните машини работат на чистење на депонијата и порамнување на површината, а потоа ќе биде нанесен слој од земја и на овој дел веќе нема да се исфрла отпад. За да се спречи горењето на органските и други материи, депонирањето ќе се прави само на круната, а околу целата депонија ќе се исчисти теренот од вегетација и отпад заради подобар пристап и поголема прегледност, а истовремено ќе се спречи опасноста од проширување на огнот при евентуални пожари – истакна Ристо Николовски, овластен комунален инспектор во Општина Кочани.
Од комуналното претпријатие „Водовод“, кое стопанисува со депонијата, упатија благодарност до американско-турскиот конзорциум, кој целата акција за расчистување и уредување ја изведува без надоместок.
Вработени во претпријатието се распоредени на дежурства на влезот на депонијата заради контролирање на состојбата и спречување неовластени лица да влегуваат и да го палат отпадот.