„Бехтел и Енка“ ангажирале домашни проектантски фирми за испитување на теренот

Покрај луѓе од „Бехтел и Енка“, во фазата на проектирање на трасите се вклучени и домашни фирми. „Практично сите кои имаат капацитет“, велат нашите соговорници


Нешто повеќе од еден месец по помпезно објавените почетоци на работењето на делниците на коридорите 8 и 10д и уплатените околу 170 милиони евра аванси од страна на ЈП за државни патишта на сметката на конзорциумот „Бехтел и Енка“, на терен не можат да се забележат никакви активности. Возачи кои минуваат по постојните патни правци Тетово – Гостивар, или пак од Прилеп кон Битола, велат дека не се случува ништо. Нема ниту работници, ниту камиони и друга градежна механизација карактеристична при трасирањето и градењето патишта.

Што всушност се случува?

Сега е фазата на проектирање и на изработка на проектната документација, велат од фирма која има увид врз градењето на автопатските делници од коридорите 8 и 10д, кои ги изведува  „Бехтел и Енка“.

Како што појаснуваат оттаму проектот се состои од три фази од кои првата се подготвителни работи и работи на чистење на трасата.

Втората фаза е чистење на горниот слој на трасата или земјените работи, третата се финалните работи односно кршење камења, асфалтирање и тн.

„Сега се подготвуваат проектите, односно се испитува теренот, така што на терен нема тешка механизација, туку бушилки со кои се испитува конфигурацијата на теренот. И тоа се одвива со одредена динамика“, велат соговорниците. Тие сепак, не прецизираат кога треба да  заврши оваа фаза. 

Од таму додаваат дека покрај луѓе од „Бехтел и Енка“, во оваа фаза на испитување на теренот и проектирање се вклучени домашни фирми. „Практично сите кои имаат капацитет“, велат нашите соговорници.

Покрај тоа се вршат и подготовки околу изградба на пристапни патишта кои ќе овозможат непречено одвивање на работите на делниците опфатени со договорот меѓу Владата и американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.

„Добро е што кога ќе биде завршена оваа подготвителна фаза нема да се чека на дозволи, туку според специјалниот закон веднаш може да се премине на втората фаза, односно на земјените работи, а потоа и на третата, асфалтирањето“.

На „Бехтел и Енка“ до сега во два наврати им беа префрлени вкупно околу 170 милиони евра буџетски пари. Прво на 26 април од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) добија 7.254.000.000 денари или околу 117 милиони евра, а на 23 јуни уште 3,28 милијарди денари или 53,3 милиони евра.

 

Како што образложија од ЈПДП уплатите се врз основа на обврските од Договорот за реализација на делниците на Коридор 8 и 10 д, како и дека станува збор за аванс за изведувачот кој треба да набави опрема, бази и материјали.

„Овие средства се наменети за авансно плаќање согласно со член 14.2. од Договорот за изградба на Коридор 8 и Коридорот 10Д, односно за мобилизација, набавка на опрема, бази и материјали за изведувачот и за поддршка на пристап до средства, за геомеханички испитувања, мобилизација, екипирање со механизација, воспоставување на кампови, лабораторија и други работи од страна на изведувачот“, образложија од ЈПДП.

До сега од страна на Владата беа организирани три настани со кои беше одбележан почетокот на реализацијата на овој проект.

На 12 мај беше вклучена механизацијата на „Бехтел и Енка“ со што беше означен почетокот на изградбата на автопатот Прилеп – Битола кој ќе биде во должина од 39,4 километри, а според првичните пресметки ќе чини 260 милиони евра.

Потоа, на 1 јуни во непосредна близина на патарината кај Тетово инженерите од „Бехтел и Енка“ ги почнаа геомеханичките испитувања како дел од подготвителните работи за новиот автопатот Тетово-Гостивар, кој ќе минува на трасата на постојниот.

Претходно, на 4 април во непосредна близина на истото место на свеченост беше поставена табла со која се најави почетокот на изградба на делот од Коридор 8.

Коридорите 8 и 10д се стратешки приоритет и најголем инфраструктурен проект со кој до 2027 година ќе се изградат 110 километри автопатишта.

За овој проект, државата од Буџетот ќе одвои над 1,3 милијарди евра. За годинава веќе се одобрени 243 милиони евра преку Буџетот на Министерството за транспорт и врски.

Предвидена е изградба на автопатските делници: Требеништа – Струга – Ќафасан (22,5 километри) Гостивар – Букојчани (30,1 километар), Тетово – Гостивар (27 километри) на Коридорот 8 и делницата Прилеп – Битола (43,4 километри) од Коридорот 10д.

Според најавите, годишно треба да се градат просечно по 25 километри автопат, а километар ќе чини околу 12 милиони евра.