Беговиќ: Да има обезбедување и видео надзор во сите здравствени установи


Да се воспостави ефикасен систем за заштита на лекарите (физичко обезбедување и видео надзор) во сите здравствени установи, граѓаните да се едуцираат за улогата, влијанието и можноста на докторите, да сфтатат дека тие не се семоќни, а медицинскиот персонал да се потсети на етичкиот кодекс и на Хипократовата заклетва.

Ова, како што рече претседателот на Самостојниот синдикат на Универзитетски клиники, Горан Беговиќ во вечерашната „Топ тема“, е еден од начините за надминување на проблемот со насилството врз лекарите.

Според Беговиќ, проблемот со нападите е рецидив од некоректните политики на претходната власт која водеше жестока кампања, облепувајќи ги болниците со „Не примам мито“ и праќајки ги извонредните доктори на еудкација, со што ја понижи и маргинализира лекарската фела. Но, сегашниот министер, не направи ништо за да го излечи рецидивот.

-Што направи сегашниот министер тој рецидив да го излечи? Според нас во Синдикатот и објективните статистички податоци, ништо. Ако во времето на тогашниот министер имаше шест случаи на насилство, сега има 15, истакна Беговиќ.

Министерот Венко Филипче рече дека здравстевениот систем е на некој начин дезинтегриран, а насилството врз лекарите е само сегмент од целокупната состојба во здравството.

-Проблемот е покомплексен, не може да се сведе на обезбедување сигурност на лекарите. Денешниот протест беше израз на незадоволство не само заради зачестените напади, туку, генерално, од незадовлство на лекарите од статусот во општеството. Тие се на некој начин деградирани. Исправени сме пред предизвик целиот систем да го зајакнеме, да го добијат соодветното место, потенцира Филипче.

Постети дека се спроведуваат сет мерки за враќање на дигнитетот на лекарската фела преку зголемување на примањата, загарантираното работно место и стажот од шест месеци за задржување на младите лекари, а во континуитет се зголемува, рече, и бројот на работни места.

Според статистиката, нападите врз лекарите се зголемени. Во 2015 година биле пет, во 2016-та седум, во 2017-та осум, лани девет, а годинава само во првите осум месеци се пријавени 15.