Бегалците заслужуваат повеќе од нас

Пред 70 години, светот направи Пакт за заштита на бегалците. Премногу наши лидери не го исполнуваат тоа ветување


Како светот се однесува кон бегалците е лакмусов тест за нашата заедничка човечност. Тоа го кажувам и јас како бегалец, откако ја доживеав траумата и вознемирувачкото преместување бегајќи од мојот дом за време на Корејската војна, кога бев дете. Човечкото страдање на кое бев сведок додека бегав од моето запалено село со родителите, остана со мене во текот на мојот живот.
Тоа е нешто што нашите лидери го признаа овој месец пред 70 години, кога беше потпишана Конвенцијата на ОН за бегалци од 1951 година – значаен договор што формираше столб на меѓународната заштита за луѓето кои бегаат од прогон во својата земја и треба да остане ѕвезда-водилка на сите национални и меѓународни политики.
Договорот е исто толку неопходен денес како што беше пред седум децении. Најновиот извештај на УНХЦР за глобалните трендови откри дека рекордни 82 милиони луѓе биле присилно раселени од своите домови во 2020 година, вклучувајќи 26 милиони бегалци кои ја напуштиле својата земја. Овие бројки нема да опаднат додека постојат конфликти и нестабилност.
Сепак, гаранциите во Конвенцијата од 1951 година се игнорираат. Бидејќи присилното раселување достигнува невидени нивоа, реакцијата во многу просперитетни земји на глобалниот север продолжува да биде водена од страв и личен интерес. Популистичките, националистички, а понекогаш и отворено расистички политичари манипулираа со стравот на луѓето и незнаењето за бегалците за изборни придобивки, оставајќи ги бегалците и мигрантите уште маргинализирани и подложни на злоупотреба, вклучително и физички напади.
Наместо да нудат заштита, некои од оние што се на власт сакаат да ги затворат патиштата за азил, да воведат казнени мерки против оние што го користат правото да бараат азил преку нередовни рути и насилно да ги вратат луѓето во ситуација на неизвесност.
Во текот на последните пет години, авганистанските бегалци чии барања за азил беа одбиени, беа насилно вратени во Кабул од Холандија, Шведска, Германија, Австрија и Финска, во периоди на акутна несигурност и војна. Заканата од повторното преземање на Авганистан од страна на талибанците ќе создаде дополнителен наплив на бегалци, вклучувајќи жени и девојки кои се соочуваат со бруталноста на тој режим.
Данска во моментов ги преоценува дозволите за привремен престој за сириските бегалци кои потекнуваат од Дамаск и неговата околина, наведувајќи дека сега е безбедно да се вратат во тие области и покрај репресивната природа на режимот на Асад.
Други земји дури и не дозволуваат раселените луѓе да останат во нивните граници додека бараат азил. Австралија ја одржува својата долгогодишна дискриминаторска политика кон бегалците и барателите на азил кои нередовно пристигнуваат со бродови, принудно префрлајќи ги и задржувајќи ги во Папуа Нова Гвинеја и на островот Науру. Тоа имаше катастрофално влијание врз физичкото и менталното здравје на тие лица и семејства. Овој вид политика е навреда за човечкото достоинство.
Новиот нацрт-закон за државјанство и граници на Обединетото Кралство, исто така, предвидува сместување на барателите на азил, следејќи го опасниот пример што го постави Австралија. Дополнително, се предлага двостепен систем кој би ги дискриминирал оние што пристигнуваат по нередовни патишта, дури и ако нивното барање за азил е успешно, ефективно осудувајќи ги на живот во неизвесност со намалени права. Доколку се спроведат, предлозите би поставиле опасен преседан во Европа – оној што другите европски држави треба цврсто да го отфрлат.
Ваквите мерки, дизајнирани да ја избегнат или да ја префрлат одговорноста, се спротивни на Конвенцијата од 1951 година, Глобалниот договор за бегалци и основните принципи на глобална поделба на одговорност и солидарност.
Регресивните политики за азил на Глобалниот Север се во спротивност со великодушноста на земјите во развој, кои продолжуваат да бидат домаќини на 86 отсто од бегалците во светот. На пример, во февруари 2021 година, Колумбија им додели 10-годишен статус на заштита на 2 милиони венецуелски бегалци и мигранти во земјата, овозможувајќи им да се интегрираат и да ја планираат за својата иднина. Ваквите примери ги посрамотуваат побогатите земји.
Овие земји имаат обврска во значајна мера да ја засилат и да ја спроведат глобалната програма за преселување. Одлуката на претседателот Бајден да го врати нивото на преселување во САД на ниво од 125.000 лица во следната фискална година е добредојден развој. Елдерс (меѓународна невладина организација иницирана во 2007 од Нелсон Мандела, заб.) , го поддржуваат повикот на УНХЦР за ЕУ да се обврзе дека ќе исполни најмалку 40 отсто од глобалната цел за преселување на 1 милион бегалци до 2028 година, што е еднакво на ветување од 36.000 за 2022 година. Ова треба продолжи со поставување амбициозни повеќегодишни цели во согласност со оваа заложба.
Кога бев Генерален секретар на ОН, запознав толку многу деца низ целиот свет, особено во Африка и Блискиот Исток, кои ме потсетија на моите болни искуства како дете раселено од војна. За нив, и за многу други, останувам решен да ја држам маката на бегалците високо на глобалната агенда.

(Бан Ки-мун е поранешен генерален секретар на Обединетите нации и заменик-претседател на меѓународна невладина организација Елдерс. Колумната е објавена во Тајм)