„Бегалците сакав да ги претставам како гулабите кои си го бараат своето јато“ : Тамара Котевска пред светската премиера на „Патување пеш“ во Њујорк


Тамара Котевска, чиј претходен документарец „Медена земја“ освои историски две номинации за Оскар, ќе го освојува светот со новиот документарец кој се бави со исклучително актуелна и осетлива тема посветена на бегалците од Сирија и Палестина. „Патување пеш“ (The Walk)  ќе ја има својата светска премиера во Њујорк, САД на 9 ноември оваа година на DOC NYC – најголемиот американски фестивал за документарни филмови. Европската премиера на филмот се очекува да биде напролет, на еден од поголемите европски филмски фестивали, а режисерката сака македонската премиера да се случи на „Македокс“.

Главен продуцент на филмот е британската филмска компанија „Греин медиа“, македонски копродуцент е „ОХО продукција“, а филмот е поддржан и од македонската Агенција за филм. Еден од поголемите продукциски куќи кои застанаа позади филмот е Participant Media, една од најуспешните американски продукциски компании последниве 15 години, со 18 освоени награди од 73 номинации за Оскар.

„Почестена што добив покана да соработувам со филмската компанија „Греин медиа“ од Британија, кои веќе освоија два Оскари и кои веруваа во мене повеќе од мене“, изјави на денешниот прес во Скопје, Котевска.

Снимањето на документарецот почнало во јули во 2021, и , вели,  до самиот крај било неизвесно кога ќе почне да снима филмот.

„Речиси преку ноќ добивме информации, авионските билети стасаа и веќе следното утро се разбудив во Газиантепе во Турција. Она што на почетокот ме фасцинираше таму се дресираните гулаби, и оттаму тргна мојата приказна, бегалците од Сирија и Палестина да ги претставам како гулабите кои си го бараат своето јато“, кажа Котевска.

Филмот „Патување пеш“ (The Walk)  го следи патувањето на Амал, џиновска кукла висока 3,5 метри, млада бегалка, која патува преку сириската граница во Турција ( некои од камповите сега не постојат, срамнети се со земја), низ Европа, обидувајќи се да си најде дом. Филмот се снимаше 2 години, на територија од повеќе од 10 земји. Во реализацијата на филмот, покрај режисерката Котевска учествуваа и монтажерот Мартин Иванов, кинематограферот Самир Љума и композиторот Дуке Бојаџиев. Фидаа Зидан од Палестина и Муајад Моин од Сирија се двајцата исклучително талентирани актери кои се дел овој проект. Во моментов во светот има над 35 милиони бегалци, од кои 14 милиони се деца, а повеќето од нив сирачиња, во чија чест, џиновската кукла Амал активно се движи низ светот со својот патувачки театар.

Во последните десет години, на DOC NYC се прикажувале документарни филмови што потоа ја освоија наградата Оскар. Тамара Котевска е најавена како една од десетината специјални гости – автори со нов филм, меѓу кои се Вим Вендерс, Сем Полард, Рамин Бахрани итн. Каледиоскоп категоријата  во која е селектиран филмот „Патување пеш“ (The Walk) наречена уште „нови документарни визии“,  за филмови кои се стремат кон поетски и есеистички филмски израз. Ова е единствен филм во категоријата со светска премиера.

Котевска на 1 септември говореше на гала настанот „Светла! Камера! Влијание!“ (Lights Camera Impact) на 80. Венециски фестивал фестивал. Котевска говореше и со кус исечок го претстави новиот документарец за глобалната сензација, куклата Амал.

 “Радосен сум што Агенцијата за филм го препозна овој комплексен проект, на веќе светски реномираната авторка Тамара Котевска, особено кога станува збор за документарни филмови, кои оставаат општествен импакт. Филмот прво го презеде светска продукциска куќа, а Македонија се вклучи во процесот. Уште повеќе ме радува фактот што голем дел од екипата се Македонци со кои сме практично на мапата на светската кинематографија. Им посакувам среќа во Њујорк”,  изјави денес Бојан Лазаревски, директор на Агенцијата за филм.