БЕГ, Скопје Север и ЕСМ-Енергетика ќе продолжат да испорачуваат топлинска енергија и во следните денови кога се очекува пад на температурите


Топлинска енергија ќе продолжи да се испорачува за граѓаните на Скопје и по завршувањето на грејната сезона, 15 април, соопштија од ЕСМ.

„Со оглед на временската прогноза која најавува пониски температури за недела, понеделник и вторник, трите компании кои го обезбедуваат парното греење во Скопје,  БЕГ, Скопје Север и ЕСМ-Енергетика, ќе продолжат да испорачуваат топлина, регулирано согласно утврдените правила и дијаграми, во зависност од атмосферските услови и надворешните температури во различни периоди од денот“, се вели во соопштението до медиумите.

Согласно Правилата за снабдување со топлинска енергија донесени од стрна на РКЕ,  снабдувањето со топлинска енергија може да се врши и по 15 април, но не подоцна од 30 април, доколку прогнозираната средна надворешна температура за наредниот ден е еднаква или помала од 12°C, според податоците од Управата за Хидрометеоролошки работи на Република Северна Македонија.