Беџети: Членови на семејства на сопственици на компании добиваат платежни картички


Академик Абдулменаф Беџети изјави дека платежни картички што Владата ги додели за поддршка за најпогодените граѓани од економската криза предизвикана од  пандемијата со корона вирусот, ја добиле и членови на семејства на сопственици на компании.

Тој во емисијата „10 минути“ истакна дека бројката на лица кои се дел од семејства на сопственик на компанија и кои добиле платежна картичка од Владата е голем. Тој потенцираше дека сопруги или деца на сопственици на компании се вработени во тие компании со минимална плата само за да имаат здравствено и пензиско осигурување, и по тој основ добиле платежна картичка.

– Има големи пропусти во реализацијата на субвенциите од третиот пакет економски мерки. На пример, една од субвенциите што сега се даваат се платежните картички. Главен критериум на картичките е да имаат примања до 14.500 денари. Но, и членовите на семејствата на сопствениците на компании кои се вработени, кои можеби не се на активна работа, но се вработени за да имаат пензиско и здравствено осигурување, ги земаат тие плати. Дали се членови на семејство како сопруги, деца сопственици на компании, и тие имаат добиено платежни картички. Тоа е смешно, траги-комично. Значи во ниту еден случај не требаше да се дозволи во процесот на селекција. Не знам точно колку се, но знам дека се многу. И сега да се случи да земат и тие кои што на еден или на друг начин немаат потреба, не се зависни. За нив тоа не е некоја добивка, апсолутно никаква, дури се и смешни. Се зафркаваат со институциите, рече Беџети.