Базените се затвораат, ѓубре насекаде, жичницата опасна по живот: СДСМ за тоа како Орце Ѓорѓиевски го води Скопје


 

Опозициската СДСМ денеска го критикува ракводството на Градот Скопје  за тоа што се затвораат јавните базени.

„Пливачките клубови во Скопје повторно немаат каде да работат. Јавните базени се затвораат, се отвораат за камера и повторно се празнат. Децата и спортот чекаат термини што ги нема.  Град со повеќе од половина милион жители функционира како пливањето да е луксуз, а не јавна услуга.

Мицкоски сечеше ленти. Базенот во Кисела Вода беше пуштен пред камери, со градоначалникот Орце Ѓорѓиевски покрај него, како завршен проект. Потоа објектот заврши под клуч. Нема часови. Нема тренинзи. Има празен бетон што се води како реализација“, вели СДСМ во соопштение.

Според партијата, истата логикака се гледала кај жичницата на Водно. „Три од четири безбедносни сензори не работеле додека се превезувале патници. Носечките и влечните сајли биле под дозволениот минимум. Производителот ‘Допелмаер’ утврдил ризик гондолата да се откачи. Во Швајцарија поради еден неисправен сензор имало смрт. Кај нас не работеле три. ЈСП претходно уверуваше дека е безбедна.

Ѓорѓиевски ја објави опасноста. Не објави кој дозволил жичницата да превезува граѓани во таква состојба, кој потпишал прегледи во 2024 и 2025 година и кој сноси одговорност. Опасноста стана соопштение. Одговорноста остана без име“, вели СДСМ.