Базар на ракотворби на улица „Македонија“


Филиграни од срма, слики во 3Д, плетен накит од памучен конец, слики од масло на платно, филигани од сребро, се само дел од работите кои се понудени на базарот што од денеска до 6 јули се одржува на платото пред спомен куќата на „Мајка Тереза“.

Базарот е организиран од страна на Институтот „Креативна Македонија“, а неговата цел, како што посочија организаторите, е граѓаните да добијат можност да набават прекрасни ракотворби, а ракотворците да заработат средства.

На тридневниот базар учествуваат 23 ракотворци.

– Нашиот базар е организиран со цел ракотворците да ги изложат своите производи, да допрат до купувачите, да ја промовираат рачната изработка и едноставно да поттикнат луѓето да купуваат рачни изработки, а не сериски производи, истакнаа организаторите.

Имено, базарот има и хуманитарен карактер, бидејќи дел од изложувачите, креативни лица со посебни потреби, не плаќаат за учеството.

Христина Јосимовска, претседател на Здружението „Илинден“, изрази голема благодарност до организаторите што им овозможиле на лицата со посебни потреби да учествуваат бесплатно на базарот, а со тоа и да заработат за себе.

Таа нагласи, дека се што работат, го прават со цел да докажат дека сите луѓе се еднакво вредни.

Базарот е поддржан од Општина Центар.