Бавна трка под мотото „Не е сѐ во брзината!” по шести пат во Скопје


Мото клуб Вепар ги кани мотоциклистите да учествуваат на овогодишниот настан „Не е сѐ во брзината!” кој по шести пат се одржува денеска во Скопје.

Од клубот известуваат дека учеството е бесплатно, а сите заинтересирани можат да се пријават на штандот пред патеката во просториите на клубот, помеѓу 10 и 11.30 часот.

Мото клуб Вепар најавија дека главната точка на манифестацијата е бавната трка од едуктивен карактер којa има за цел да ја подигне свеста на сите учесници во сообраќајот, особено мотоциклистите, укажувајќи на потенцијалната опасност од управување со голема брзина, а истата е организирана од Мото Клуб Вепар веќе 6 години.

Трката ќе се одвива во 4 категории и тоа мотоцикли до 50 цм3, потоа од 51 до 500 цм3, од 501 цм3 до 1000 цм3 и поголеми од 1000 цм3. Трката е на начин на кој истовремено ќе се натпреваруваат по двајца учесници по систем на елиминација победникот продолжува со натпреварување, а победник е оној кој поспоро ќе стигне до целта.

Правила на трката се: учесникот не смее да испадне од одбележаната траекторија, не смее да допре со нога на земја (со самото допирање се елиминира од трката) и тој кој последен ќе ја помине целта е победник.

Трката започнува со пријавување на учесниците, од 10 до 11:30 часот, потоа следува официјалното започнување во 12 часот, како и забавна програма со музика, скара, пиво и дружба во 14 часот и затворање на настанот во 19 часот.