БАТ ќе им плати 635 милиони долари на американските власти поради кршење на санкциите кон Северна Кореја


Бритиш Американ Тобако (БАТ) ќе им плати 635 милиони долари на американските власти откако подружницата се изјасни за виновна за кршење на санкциите поврзани со Северна Кореја.

Компанијата соопшти дека постигнала спогодба со Министерството за правда и Канцеларијата за контрола на странски средства. Прекршувањето на американските санкции се однесува на операциите на БАТ во Северна Кореја меѓу 2007 и 2017 година.

Втората по големина светска тутунска компанија минатата година соопшти дека издвоила пари за да ја плати казната и додаде дека тоа не влијаело на нејзините пошироки финансиски насоки.

Извршниот директор Џек Боулс вчера се извини за недоличното однесување, додавајќи дека „почитувањето на ригорозните стандарди за усогласеност и етичките стандарди беше и останува главен приоритет за БАТ“, пренесува ДПА.