Баша: Потребни се предвремени избори, трпението на народот е при крај


Лидерот на албанската опозициска Демократска партија (ПД), Љуљзим Баша, порача дека земјата мора да оди на предвремени избори за да има легитимна влада.

По средбата со репортерите на Советот на Европа, тој во изјава за новинарите додаде дека „трпението кај народот е при крај“ и оти е време Социјалистичката партија да размисли за злото што и го прави на земјата и да се одрази зашто „никогаш не е доцна“.

-Да им гарантираме на граѓаните слобода на гласот, па потоа одржување на предвремени избори. Вака не можеме да продолжиме повеќе, оваа состојба е неподнослива. Едно апсолутно малцинството сака да ја задржи земјата во оваа состојба за да и понатаму профитира преку корупцја само еден грст луѓе. Последователните неуспеси на оваа влада ги плаќаат Албанците. Да го ставиме интересот на земјата над ситните политички интереси. Повик на Социјалистичката партија да се одрази, никогаш не е доцна, рече Баша.

Според него враќањето на демократијата е услов.

-Значи, повеќе не може да се продолжи вака. Имаме премиер кој нема н една понуда да ја извади земјата од криза, кој ја зграпчи власта со нокти. Погледнете го примерот на Северна Македонија. Дури и трпението на народот е при крај, Рама не може да ја третира Албанија како свој чифлик и Албанците како робови“, рече тој.

Ја нагласи подготвеноста на опозицијата да даде свој придонес во изборна реформа која ќе им го врати „гласот на граѓаните“ и ќе овозможи, преку предвремени парламентарни избори, легитимен парламент и легитимна влада.