Баша му одговори на Рама: Решението за политичката криза бара политичка волја а не неискрени покани


Лидерот на Демократската партија,Љуљзим Баша, која ја предводи обединетата опозиција,експресно реаграше на јавно упатената покана на премиерот Еди Рама за дијалог за изборните реформи,оценувајќи ја „тешка провокација, мајтапење“.

Тој рече дека прво мора да се излезе од политичката криза преку политичка волја, па дури потоа целосна изборна реформа.

-Да, ние сме одлучни а изборната реформа има своја важност, но решавањето на политичката криза бара политичка волја. Отворените писма, ваквите провокации, како што е вклучувањето на осомничените во Досието 184 во изборните реформи, укажуваат на недостаток на политичка волја. Првиот чекор за решавање на кризата треба да биде прифаќање на тешката состојба во земјата. Само, ова може да ги постави темелите за излез од кризата а првиот приоритет треба да биде одвојување на криминалот од политиката и целосна изборна реформа,смета Баша.

Баша се сомнева во поканата на Рама и ја нарекува неискрена.

-Ваквото барање не е искрено никаде во светот. Денес, за сите Албанци, решавањето на кризата е приоритет. Економската криза може да се реши само со решавање на политичката криза. Решавањето на политичката криза е апсолутен приоритет на Албанија, тој е апсолутен приоритет на Демократската партија и обединетата опозиција. Оваа политичка криза не е предизвикана од Изборниот законик, ниту Уставот и законите на Албанија. Извештајот на ОБСЕ-ОДИХР е јасен и почнува со зборовите дека правната рамка е комплетна, но нема политичка волја. Затоа, решавањето на политичката криза како апсолутен приоритет за Албанија и  позитивната вест што ја посакуваме и бараме интеграција на Албанија во ЕУ, треба да дојде само преку политичка волја,изјави Баша.

Посочува дека опозицијата веќе две години подготвува платформа за изборна реформа што е многу повеќе од промена на изборниот или казнениот законик,која мора да вклучува длабока политичка трансформација што ќе го поттикне донесувањето одлуки на албанските граѓани и ќе создаде механизми со кои никогаш нема да се повтори ваква политичка криза.