Барса против Баерн во битката на титаните

Вечерва е најочекуваниот натпревар од четвртфиналната фаза од ЛШ. Едни против други излегуваат двете најтрофејни екипи кои останаа во турнирот – Барселона и Баерн (Минхен). Многу експерти го дефинираат натпреварот помеѓу двата европски гиганти како финале пред финалето и победникот на овој судир ќе стане главниот фаворит за освојување на трофејот.

Всушност, по елиминацијата на Реал Мадрид, Ливерпул и Јувентус, Барса и Баерн останаа единствените две екипи што го кренале трофејот. Двата клуба имаат 5 титули во нивните клупски музеи и се надеваат дека ќе додадат уште една. Сите други екипи не го освоиле натпреварувањето. Затоа е повеќе од нормално Каталонците и Баварците да се сметаат за фаворити, барем заради огромното искуство што го имаат. Сепак, ждрепката утврди дека тие ќе се сретнат во многу рана фаза од турнирот и така надежите на еден од нив ќе бидат уништени.

За Барселона, Лигата на шампионите остана последната надеж за клубот да ја спаси сезоната. Каталонците ја загубија битката за титулата со вечниот непријател Реал Мадрид, но доколку ја кренат титулата на најсилниот европски клупски турнир, тоа сигурно ќе им угоди на фановите на клубот.

Баерн е на спротивниот пол. Пулените на Ханси Флик ја освоија титулата и германскиот куп и сега е потребна големата цел. Денешниот натпревар ќе биде еден вид дуел помеѓу Лионел Меси и Роберт Левандовски. Имаше многу споредби помеѓу двајцата напаѓачи во последните неколку дена, но сега тие можат да докажат кој е подобар во директна конфронтација.

Германскиот шампион изгледа како фаворит пред денешниот судир. Барса игра тешко против Баварците, до сега има само 2 победи на 10 меча со нив, а 6 од овие натпревари ги освои Баерн. Од друга страна, Германците доживуваат потешкотии против шпанските ривали, откако беа елиминирани во 5 од последните 6 судири во елиминации со екипи од Ла Лига.

Само трајно повредениот Самјуел Умтити ќе недостасува од Барса. Усман Дембеле веќе се опорави и се очекува да биде во групата. Серхио Бускетс и Артуро Видал ги одлежаа своите казни, и ќе му бидат на располагање на Кике Сетиен.

Бенџамин Павар сè уште е отсутен за Баерн. Џером Боатенг, Кингсли Коман и Алфонсо Дејвис имаа проблеми пред натпреварот, но сите тројца веќе се опоравија и се очекува вечерва да бидат во стартните единаесет.

Лига на шампиони, 1/4-финале:

Барселона – Баерн

Веројатни состави:

Барселона: Тер Штеген, Семедо, Пике, Ленгле, Алба, Роберто, Бускетс, Видал, Де Јонг, Суарез, Меси

Баерн: Нојер, Кимих, Боатенг, Алаба, Дејвис, Тијаго, Горецка, Коман, Милер, Гнабри, Левандовски

Стадион: Луж, Лисабон
Судија: Дамир Скомина (Словенија)
Почеток: 21:00 часот