Барса ќе му помогне на ПСЖ со финансискиот ферплеј


Барселона размислува да го купи офанзивниот фудбалер на Пари Сен Жермен, Анхел Ди Марија идното лето. Аргентинецот има продуктивна кампања во Париз, откако забележа 17 гола, а исто така асистираше за други 15 во 41 натпревар за францускиот хегемон.

Триесет и едно годишниот фудбалер потпиша нов договор со тимот од „Парк де Пренс“ во подоцнежните моменти од 2018-та година, но ПСЖ ќе треба да го ограничат трошењето пари, бидејќи се под константен мониторинг од УЕФА и финансискиот ферплеј, пренесува „Екип“. Токму француското издание пишува дека еден од играчите кои можат да го напуштат ПСЖ е Ди Марија, а Барса е заинтересирана да го земе репрезентативецот на „албиселесте“ по крајот на оваа сезона.

Ди Марија има искуство во шпанската Ла Лига, откако играше за големиот непријател на Барса – Реал Мадрид, помеѓу 2010-та и 2014-та година, по што помина лош период во Манчестер Јунајтед.

Офанзивниот фудбалер има три титули во Лига 1, исто толку Купови на Франција, како и три Лига Куп трофеи за време на престојот во ПСЖ.