Баритонот Васил Гарванлиев и канадската сопранистка Криста де Силва во операта „Дидо и Енеј“

Македонскиот баритон со меѓународна кариера Васил Гарванлиев на 20 септември ќе настапи во премиерата на барокната опера „Дидо и Енеј“ заедно со канадската сопранистка Криста де Силва. „Дидо и Енеј“ е најпознатата опера на англискиот композитор Хенри Персл, а ќе биде изведена во Камерната сала на Филхармонијата од 20 часот.

Како што соопшти Филхармонијата, автентичната, концертна изведба на љубовната приказна преточена во опера на најголемиот британски барокен композитор е во организација на Уметничкиот центар „Полифонија“.

Васил Гарванлиев, кој ќе настапи во улогата на Енеј, настапува на меѓународните сцени – во Чикаго, Милано, Торонто, Лондон, во сферата на класичната музика, но успешен е и во поп-музиката. Македонската публика го памети како дете, кога на фестивалот „Златно славејче“ ја испеа „Марионка“.

– Се чувствувам среќен и благодарен што ќе настапам во Скопје. Среќен сум всушност, поради тоа што станува збор за барокна опера каде што слободно можеш да си ‘играш’ со гласот, со емоциите, со интерпретацијата… И секако, затоа што ова ми е прва оперска улога дома. Навистина голем мотив е пред се да настапам во опера дома. Пред неколку години одлучив да се повлечам од операта и да се фокусирам во креирање на оригинална поп-музика. Овој настап е исклучок. Не можев да ги одбијам „Полифонија“ и виолинистката Сања Шуплевска која стои зад организација за ваква соработка. Со Сања се запознавме многу одамна на настапот на Моцартовата „Така прават сите“ каде таа свиреше прва виолина, а јас ја пеев главната улога. Интересно е што двајцата сега вратени во родната земја се трудиме да креираме и да придонесеме за нашата музичка сцена, изјави Гарванлиев.

Неговите планови за иднина, како што вели, се врзани со домашната сцена. – Се вратив со новиот сингл „Ѓердан“, снимивме акуситечен збир на песни со Горан Алич (Дом. Патување. Љубов), и бев дел од евровизискиот тим годинава со Тамара. Во моментов сум навлезен во креативна фаза на пишување музика која многу скоро ќе биде објавена, додава тој.

Во улогата на Дидо ќе настапи канадската оперска дива Криста де Силва која првпат гостува на македонската сцена, а пее во престижните оперски куќи на Едмонтон и Монтреал, во еден од најбараните барокни ансамбли – „Г.А.П.“ од Германија и ансамблот „Ин медиас рес“ на „Полифонија“.

Операта „Дидо и Енеј“ на Хенри Персл (1658-1695) е базирана врз некои делови од познатиот еп на Вергилиј „Енеида“, според либретото на Нахум Тате. Операта раскажува за несреќната љубов помеѓу кралицата Дидона и принцот Енеј. Дејствието е сместено во кралската палата во моќниот град-држава Картага каде што Енеј застанува на своето патешествие за да основа ново кралство враќајќи ја разурнатата Троја. Под влијание на боговите, се вљубува во убавата Дидона, но ја остава за да го продолжи патувањето.

– Трагична љубовна опера во која има судбински пресврти и мистични ликови, преполна со прекрасни арии кои го одземаат здивот. Емотивна е, но и необично убава облагородена со мелодиката на англискиот фолклор. Хенри Персл со ова дело се вивнал во најголемите височини на барокното сценско творештво и извршил огромно влијание врз понатамошниот развој на операта, соопшти Филхармонијата.

Проектот е поддржан од Министерството за култура, во соработка со Институтот „Гете“ и Канадскиот музички центар во Скопје.