Баритонот Неќак на Европскиот Лајонс музички натпревар во Загреб


Младиот баритон Давор Неќак ќе се натпреварува на Европскиот Лајонс музички натпревар Томас Кути што ќе се оддржи од утре до 29 октомври во Загреб во рамките на Лајонс Европа Форум 2022.

Европскиот Лајонс натпревар Томас Кути традиционално се оддржува во рамките на Европскиот Лајонс форум со цел да се поддржат младите музички таленти од Европа. Се натпреваруваат кандидати до 26 години и секоја земја предлага еден претставник.

Оваа година младите музички таленти се натпреваруваат во дисциплината глас. Натпреварот ќе се реализира на Маузичката академија во Загреб, а завршниот концерт ќе се одржи на затворањето на Европа форум. Жири комисијата е интернационална и се состои од истакнати професори.

Давор Неќак е роден во Битола, а солист e на операта во Риека во Хрватска. Дипломирал на Музичката академија во Загреб во класата на Влатка Оршаниќ. Дебитира во Загребската опера во улогата на Моралес во Кармен. Има изведувано значајни улоги во продукција на Хрватсиот народен театар, Загребската филхармонија, Хрватското народно казалиште и Музичката академија во Загреб.

Добитник е на наградата „Ватрослав Лисински“, која ја доделува Хрватското друштво на композиторите за придонос кон хрватското музичко творештво, добитник е на првата награда на Меѓународниот натпревар во Словачка, Трнава – „Микулас Шнајдер Трнавски“ и е номиниран за Хрватската актерско-оперска награда во категоријата „исклучително оперско достигнување за млади уметници до 30 години“. Давор Неќак е добитник и на посебна награда на натпреварот ЗИНКА МИЛАНОВ, доделена од Љубљанската опера.

Натпреварувањето на Давор Неќак е поддржано од македонскиот Лајонс Дистрикт 132 и Гувернерот Гоце Бурзевски. Национален координатор е виолинистката Пламенка Трајковска.