Пелагониските земјоделци не се задоволни од владината помош за пченицата

Барем помошта за пченицата да беше 5 денари по килограм, оти мелничарите за џабе го откупија родот - се жалат земјоделците од Пелагонија


 

БИТОЛА – Пелагониските земјоделци не се задоволни од интервентната мерка на Владата да им се исплатата 3 денари за килограм пченица предадена кај регистриран откупувач. Денеска на работната средба со министерот за земјоделие Цветан Трипуновски во пелагониската општина Новаци јасно кажаа дека државата недоволно помага, а мелничарите ја урнаа цената од годинешната жетва на пониско ниво од лани и родот им го откупија за џабе.

Народски кажано, државата дава недоволно, а мелничарите кратат, велат производителите на жито. 

Митат Исмаиловски, крупен земјоделец од селото Будаково, кој работи 400 хектари земја со пченица, тутун, сончоглед, бостан и други култури, вели дека ако се одбијат трошоците цената на пченицата е 8 денари по килограм, што воопшто не ги стимулира да посета жито за есенската сеидба.

„Дојден сум тука како земјоделец на средба со министерот за земјоделство. Има нова мерка -интервентно 3 денари по килограм  помош за производителите на пченица. Добро е и тоа, 3 денари, но ние лани ги имавме тие 3 денари. Лани пченицата беше околу 12-13 денари, за килограм  плус 3 денари доаѓаше околу 15 до 16 денари. Сега мелничарите кога слушнаа дека ќе имаме помош од Владата ја урнаа цената на 10 до 9 денари за килограм пченица. Всушност пченицата ни доаѓа по 8 денари за килограм. Сите трошоци се влезени, кога ќе се одбие ДДВ и превозот… цената се намалува, значи 8 плус 3 денари, килограм пченица ни доаѓа 11 денари.  Јас лично не сум благодарен од мелничарите. Од Владата да, но барем да беше 5 денари интервентната мерка. Ќе немаме пари пак да посееме жито, оти јас имам најмодерна механизација, но таа не оди на вода“,  вели Митат Исмаиловски.

Трипуновски  на средбата со земјоделците од Пелагонија лично им кажа дека на седница на Влада поминаа двете програми за директни плаќање, каде субвенцијата од 6.000 денари по хектар за јачменот се зголемува на 12.000,  а за интервентната мерка за производителите на жито е 3 денари по килограм за предадена пченица кај регистрирани откупувачи. Мерката ќе важи од 15 јуни до 5 септември.  

„Владата одлучи да им помогне на полјоделците како дополнителен стимул за наредната сеидбена сезона да ги зголемат површините под производство на пченица. Да се обезбеди поголема количина на жито за нашата држава и да бидеме помалку увозно зависни од соседството“, рече Трипуновски.

Голем проблем за земјоделците е и закочениот откуп на пиперката „капија“, по што големи колични од родот скапуваат, оти откупувачите не го земаат. Земјоделците се сомневаат дека ова е намерна ситуација за да се урне цената и на пиперката, па родот наместо за 40 односно 30 денари да им се откупи по 25 денари за килограм пиперка „ајварка“.

„Ако сега е гужва пред ‘голот’ што правиме по 25 септмеври“, реагира земјоделец од Могила.

Митат Исмаиловски, земјоделец од Будаково

Трипуновски вели ситуацијата е ваква оти производителите нагрнале да го предадат родот, а е оптимист дека проблемот ќе се надмине до утре.

„Во тек е откупот на пиперката ‘ајварка’ и во Струмичко и овде во Прилепско-битолскиот регион. Имавме договорени цени. До пред два дена тие се почитуваа. Цените се почитуваат се уште, но има одреден застој бидејќи фабриките имаат наплив на количина на берба бидејќи практично се судрија бербите и во Струмичкиот и во Прилепско-битолскиот регион.  Очекувам дека тоа ќе се надмине денес или најдоцна до утре, инспекторите и таму се на терен, го следиме процесот. Имам дадено ветување дека земјоделците треба да бидат заштитени од страна на некакви манипулации“, изјави Трипуновски во Пелагонија одговарајќи на новинарско прашање.

При крај е откупот на грозјето, а согласно податоците од Државниот земјоделски инспекторат досега се откупени околу 45 милиони килограми грозје. Со оглед на динамиката на откупот на грозје и временските услови откупот ќе заврши за 5 до 7 дена, бидејќи временските услови тоа го дозволуваат, рече Трипуновски. Тој најави за скоро измени во Законот за вино.

 „Годинава имаме рекордно највисока откупна цена на двете најзастапени сорти на грозје – вранецот и смедеревката. Имаше отстапки кои се коригираа од страна на ДЗИ, но она што наиде на негодување кај лозарите е што моменталниот закон кој е во сила дозволува откупувачот за плаќање во рок од 8 дена да ја намали цената на грозјето за 8 проценти. Тука беше незадоволството од страна на лозарите. Законот е таков и јас се сложувам дека треба да биде коригиран. По завршување на откупот ќе има корекција на законот каде ќе ги елиминираме сите аномалии и недостатоци на штета на лозарите“, изјави министерот Цветан Трипуновски денеска во Новаци.