Барање за останување во Велика Британија поднеле 3,5 милиони граѓани на ЕУ


 

Повеќе од 3,5 милиони граѓани на ЕУ поднеле барање за останување во Велика Британија под условите претставени по референдумот, соопшти британската влада.

Вкупниот број е близу бројот на европски граѓани кои живееле во Британија пред референдумот за напуштање на Европската Унија во јуни 2016 година. Тоа покажува дека не се случи егзодус кој го предвидуваа многу политичари и медиумски коментатори.

Барањето може да се поднесе до 30 јуни.

„Бројата од 3,5 милиони е достигната, а барањето може да се поднесе до 30 јуни 2021 година, поради што ова е најголем потфат од овој вид во британската исотирја“, велат од министерството за внатрешни работи.

„Граѓаните на ЕУ се составен дел од нашето општество“, рече Кевин Фостер, министер за имиграции.

„Тие се наши пријатели, семејство и соседи, ја збогатуваат нашата култура и заедница“, додаде тој.

Фостер рече дека владата денеска планира да ја претстави промената на британските имиграциони правила во парламентот.

Британија формално ја напушти ЕУ на 31 јануари.

Премиерот Борис Џонсон вети преговори по прашањето на идните односи со ЕУ дека ќе завршат до крајот на оваа година. Многу аналитичари велеа дека рокот не е возможно да се исполни , дури и пред епидемијата од корона вирус која ги присили двете страни да ги ограничат преговорите на видео-конференции.