Барањата за смена на Јаневски се упатени на погрешна адреса, велат од Стопанската комора за туризам


Стопанската комора за туризам на Македонија (СКТМ) изразува чудење за наведените причини со кои се бара оставка на директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) и смета дека се упатени на погрешна адреса.

Порачува дека наведените аргументи не навлегуваат во ингеренциите на агенцијата, туку се во надлежност на Секторот за угостителство при Министерството за економија.

-Како учесници во координативното тело на последниот состанок се утврди четвртиот сет на мерки во кои активно учествувавме како комори. Чудењето е уште поголемо, бидејки мерките Министерството за економија како предлог од кординативното тело ги предложи, а сега и се усвоени на Влада, но е изоставен предлогот на СКТМ околу условувањето за помош на плати до компаниите со бројот на вработени, вели претседателот на СКТМ Емил Димитровски во пишано соопштение за медиумите.

Во интерес на туристичката индустрија, додава, во СТКМ сметаме дека е потребно единство и сплотеност на коморите.

Утрово Независната угостителска комора (НУК), пак, во пишано соопштение информира дека се приклучува кон барањето за итна смена на Љупчо Јаневски и избор на нов директор на Агенцијата за промоци и подршка на туризмот, поднесено од Здружение на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија, Туристичко-угостителска комора на Македонија во рамки на ССК и Националната асоцијација за дојдовен туризам – НАИТМ.