Барања за отказ на сестри од Инфективна ја разбрануваа јавноста, расте бројот на новозаразени 


Фото: Б. Грданоски

Објавите на социјалните мрежи дека три медицински сестри од Клиниката за инфективни болести, меѓу кои и главната сестра, поднеле барања за откази поради расправии со претпоставените, ја разбранува јавноста во услови кога и натаму секојдневно се бележат трицифрени бројки на наовоинфицирани со Ковид-19. Министерот за здравство Венко Филипче вчера оствари средба со трите сестри и најави дека нема дозволам кој било од јавниот здравствен систем да замине поради проблем што може да се изменаџира.

На средбата со сестрите, Филипче им изразил огромна благодарност за нивната посветеност и неуморна работа во изминативе седум месеци, кога беа на првата линија во борбата со пандемијата.

– Кога се работи во такви тешки услови со многу стрес и замор, разбирливо е да дојде до потреба за промена за што целосно ги разбирам. Сепак, утрово ги поканив на разговор и разговаравме да останат на Клиниката каде нивната работа неизмерно се вреднува, објави Филипче на неговиот Фејсбук профил, посочувајќи дека се договориле после заслужениот одмор кој го земале повторно да разговараат и да најдат начин да продолжат заедно во битката со Ковид-19 на Инфективната Клиника.

Филипче нагласува дека секој човек во здравството е важен и ќе направи се за да ги мотивира здравствените работници, во услови кога работат под притисок и се исцрпени и многу често дежураат и по 24 часа неколкупати во неделата.

– Една таква стресна ситуација доведува некогаш и до немили ситуации во кои има комуникација со повишен тон меѓу нивните колеги и колешки. Јас ќе направам се да не дозволам кој било од јавно здравственот систем да замине поради проблем што може да се изменаџира, изјави Филипче.

Тој посочи дека од почетокот на кризата со Ковид-19 никој не ја напуштил Инфективната клиника и оти ова се први најави.

На случајот со трите медицинарки реагираше и Унијата на здруженијата на медицински сестри, техничари и акушери со барање да се донесе Закон со кој ќе се регулира дејноста на медицинските сестри.

Претседателката на Унијата, Гордана Бешлиовска за МИА изјави дека медицинските сестри имаат нерешен статус и во болниците има не само за одлевање на медицински сестри, туку и разни други нивни незадоволства и нарушување на нивното достоинство.

– Основното решение лежи во донесување на Законот за дејноста за нашата сестринска професија, кој ќе ги зададе нашите задачи, нашите компетенции врз основа на кој ќе имаме одговорност. Ние немаме зададени компетенции и задачи, ниту можеме да си ја одредиме одговорноста и како фела сме маргинализирани и оставени сме на милост и на немилост на политиките на менаџерите во здравствените институции, рече Бешлиовска, додавајќи дека незадоволство на медицинските сестри има не само на Инфективната клиника, туку во сите здравствени установи.

Во врска со ваквиот ставот на Унијата на здруженијата на медицински сестри, техничари и акушери, министерот Филипче изјави дека не се согласува оти тие се деградирани.

– Всушност нашите инвестиции тоа го демантираат. Свесни колку се битни во нашиот систем помогнавме во формирање за првпат во нашата земја на Комората на медицински сестри која почна со активности да се направи регистар, а после тоа и лиценцирање на сите медицински сестри кои работат во нашата земја. Помогнавме и со опремување на тие простории. За жал тоа што се случи на крајот на минатата година и активностите спласнаа сега со кризата, додаде Филипче.

Случајот со трите сестри беше повод и за реакција на ВМРО-ДПМНЕ, која во соопштение оцени дека тој е доказ оти здравствениот систем не функционирал и оти тоа е голем пораз за министерот Филипче.

– Македонија останува без медицински персонал. Секоја здравствена установа е десеткувана, без доволно медицински кадар, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Во деноноќието меѓу 29 и 30 септември, како што соопшти вчера Министерството за здравство, се регистрирани 194 нови случаи на Ковид-19 од направени 1.697 тестирања. Во истиот период се регистрирани 158 оздравени лица, додека во болнички услови починаа двајца пациенти.

Со последните цифри вкупната бројка на Ковид дијагностицирани пациенти во земјата од почетокот на епидемијата достигна 17.977, од кои оздравеа 14.959, починаа 739, а 2.279 се уште се активни случаи.

Раст на бројот на новоинфицирани се бележат и во остантите земји од регионот, но и покрај тоа министерот Филипче соопшти дека во текот на завчерашниот ден министрите за здравство на Албанија, Црна Гора и на Косово дале согласност за отворање на границите.

– Ја чекаме реакцијата на министерствата за здравство на Србија и на Бугарија по што ќе донесеме одлука верд/увам на следниот состанок на Комисијата и на Штабот, информира Филипче.