Банките во Србија во првиот квартал остварија профит од 158 милиони евра


Во првите три месеци од оваа година, банките во Србија заработиле околу 158 милиони евра (пред плаќањето даноци), што е за 13 отсто повеќе во однос на истиот период лани, јавија српските медиуми.

Минатата година добивката на банките беше намалена за околу 60 милиони евра и за цела 2019 година изнесуваше вкупно 530 милиони евра. Ваквиот резултат се должи на законот со кој се регулираа станбените кредити во швајцарски франци, што ги чинеше банките околу 70 милиони евра. Годинава почна ветувачки за финансискиот сектор, пренесува „Блиц“.

Сепак, избувнувањето на пандемијата, а потоа вонредната состојба и мораториумот, односно одложувањето на исплатата на обврските кон банките од април до јуни, ќе пренесе добар дел од годинашната добивка на банките во следната година.

Како што оценуваат експертите, тоа нема да биде голем проблем за банките бидејќи одложувањето на отплатата ќе се компензира од јануари следната година. Но, годинава повеќето банки ќе имаат полоши резултати од очекуваното, па ќе мора да ги ребалансираат своите планови, велат тие и додааваат дека сè уште е рано да се направи проценка бидејќи не се знае што ќе се случи со вториот бран на епидемијата и економијата на ЕУ. Проблемот би можел да се појави доколку луѓето и компаниите престанат со отплата на заемите.

Во Србија најголемите пет банки контролираат 53 отсто од пазарот во однос на средствата, но петте најпрофитабилни банки остваариле дури 73 отсто од вкупната добивка во секторот.