Банките во Хрватска ја зголемија добивката за цели 91,2 отсто


Банките во Хрватска минатата година работеа со добивка од 1,36 милијарди евра, што е за 647,2 милиони евра или 91,2 отсто повеќе од една година порано, покажуваат привремените неревидирани податоци за работењето на кредитните институции објавени од Хрватската народна банка во четвртокот.

„Работењето на кредитните институции во 2023 година резултираше со добивка во износ од 1,4 милијарди евра. Показателите за профитабилност се зголемени во однос на нивната вредност на крајот на 2022 година“, посочуваат аналитичарите на централната банка во својот коментар за трендовите во банкарскиот сектор во 2023 година.

Според нивните податоци, повратот на средствата (ROA) е зголемен од 1,0 отсто на 1,8 отсто, а повратот на капиталот (ROE) од 8,2 отсто на 15,5 отсто.

„Ова е резултат на зголемувањето на добивката во тековната година, под влијание на силен пораст на приходите од камати. Значаен придонес во растот на овие приходи имаа и приходите од депозити преку ноќ кај ХНБ“, објаснуваат аналитичарите на ХНБ.

Централната банка ги креираше коментарите и придружните табели за работењето на кредитните институции врз основа на податоците што ги добиваше од самите банки, а податоците од табелите покажуваат дека од 20-те банки кои работеле во Хрватска минатата година, 19 работеле со добивка, додека со загуба беше само J&T Bank. Загубата на таа банка изнесуваше 1,5 милиони евра.

Инаку, минатата година во Хрватска работеше една банка помалку отколку во 2022 година, бидејќи Нова Хрватска банка (поранешна Сбербанк Хрватска) беше споена со ХПБ на 2 јули 2023 година.

Според податоците (привремено неревидирани) од најновите табели на ХНБ, Загребачка банка лани имала најголема добивка, 450,4 милиони евра, што споредено со привремените неревидирани податоци за претходната година, е зголемување од 89,4 отсто или 212 6 милиони евра.

Следува Привредна банка Загреб (ПБЗ) со добивка од 314,1 милиони евра, што е за 125 милиони евра или 66 отсто повеќе од 2022 година.

Минатата година Ерсте Штаермаркише банк оствари добивка во износ од 219,2 милиони евра, што е за 69 отсто повеќе од претходната година.

Повеќе од сто милиони евра добивка лани имаше и ОТП банка, чија добивка изнесуваше 134,8 милиони евра или за 50,5 отсто повеќе од 2022 година.

На петтото место според добивката е уште една банка во странска сопственост – Рајфајзен банк Австрија, чија добивка е значително зголемена. Имено, лани добивката на банката изнесуваше речиси 96 милиони евра, што е за речиси 59 милиони евра или 159 отсто повеќе од 2022 година.