Банките останаа отпорни и покрај кризите, вели гувернерката Ангеловска-Бежоска


Фото: Б. Грданоски

 

Банкарскиот систем во регионот остана отпорен и покрај предизвиците во текот на здравствената и тековната криза, поради претходно соодветно поставените регулаторни заштити и механизми, оцени гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на гувернерската панел –дискусија што во рамки на 16. Годишна конференција ја организираше Банката на Албанија со Лондонската школа за економија и политички науки.

Говорејќи за капиталните и ликвидносни заштитни слоеви, гувернерката потенцира дека кај банките во регионот заклучно со второто тримесечје од годинава, адекватноста на капиталот во просек изнесува 18,3 проценти, што е непроменето во однос на нивоата пред пандемијата во декември 2019 година, а во некои земји е дури и повисоко.

Ангеловска-Бежоска се осврна и на реформите поврзани со „позеленување на финансискиот сектор“ притоа посочувајќи дека носителите на политиките треба да се фокусираат на понатамошно одржување на реформската агенда за усогласување на финансиските системи во регионот со меѓународните стандарди, при што, „зеленото финансирање“ треба да биде важен приоритет.

Говорејќи за улогата на регулаторите за поттикнување на „зелена“ компонента во финансиите, гувернерката истакна дека Народната банка ги поставила зелените финансии како една од стратегиските цели.

„Поддржувајќи ја ‘зелената агенда’, централната банка воспостави редовен систем на прибирање подетални податоци за зеленото финансирање и започна да објавува и квартални податоци за кредитите за зелено финансирање одобрени на домаќинствата и нефинансиските друштва“, истакна гувернерката.

На конференцијата учествуваа  високи претставници од централните банки, претставници од Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка, Европската банка за обнова и развој, академската заедница, банкарството и финансиските системи.