Банката на Франција годинава очекува пад на БДП од 8,7 отсто


Француската економија годинава се очекува да забележи пад од 8,7 отсто и да се врати малку побрзо отколку што се очекуваше на нивото пред кризата, соопшти денеска Банката на Франција во многу помалку песимистичка прогноза отколку во јуни, јави дописникот на МИА.

Иако претходно предвидуваше пад на бруто домашниот производ (БДП) од 10,3 проценти во 2020 година, шокот во вториот квартал беше помал отколку што се очекуваше, се наведува во најновите проекции на француската централна банка во своите. Оваа прогноза е во согласност со предвидувањата на ИНСЕЕ, кои очекуваат рецесија од девет отсто оваа година, но пооптимистична од онаа на Владата, која предвидува пад на БДП од 11 отсто, дури и ако планира да се ревидира наскоро оваа бројка.

Банката на Франција очекува БДП да се зголеми за 7,4 отсто во 2021 година, проследено со раст од три проценти во 2022 година. Економијата на тој начин треба да се врати на нивото пред кризата на почетокот од 2022 година, односно неколку месеци порано отколку што се предвидуваше претходно.

Според Банката на Франција автомобилската индустрија, сместувањето, угостителството и градежништвото се оправија малку подобро отколку што очекуваше на почетокот од летото. Исто така, потрошувачката и инвестициите во домаќинствата се одржаа подобро. Затоа, се предвидува зголемување на БДП за 16 отсто во третиот квартал, откако во вториот падна за 13,8 проценти.

На крајот на годината, загубата на активи сепак би била помеѓу 3,5 и четири отсто во споредба со нивото пред кризата.

– Влегуваме во фаза каде што активите ќе продолжат да растат, но не повеќе со истата брзина како што видовме последните месеци, изјави извршниот директор на Банката на Франција Оливие Гарние.