Банката на Англија ја зголеми каматната стапка


 

Банката на Англија вчера ја зголеми референтната каматна стапка од 1,75 на 2,25 отсто и најави дека ќе продолжи силно да реагира на инфлацијата доколку е потребно, иако економијата влегува во рецесија.

Ова е седми пат по ред Банката на Англија да ги зголеми трошоците за позајмување во време кога растот на цените на храната и енергијата доведува до криза на трошоците за живот, пренесува АП.

Според проценките на Банката на Англија, британската економија ќе доживее пад од 0,1 отсто во третиот квартал, што во комбинација со падот на производството во вториот квартал значи дека се исполнети условите за рецесија, пренесе Ројтерс.

Претходно американската централна банка (ФЕД) вчера ја подигна референтната каматна стапка на највисоко ниво во последните 15 години, во обид да го спречи растот на цените во најголемата светска економија.

ФЕД објави дека ја зголемува референтната каматна стапка за уште три четвртини од процентниот поен, а каматната стапка сега се движи од три до 3,25 отсто, објави Би-Би-Си.

Банките во речиси секоја земја се соочуваат со слични компромиси бидејќи ги зголемуваат каматните стапки за да се изборат со сопствените проблеми со инфлацијата.

Европската централна банка на почетокот на овој месец ги зголеми трите клучни каматни стапки за три четвртини од процентен поен (по 0,75 отсто), што е најголем пораст досега за 19-те земји кои го користат еврото.