Банкарскиот систем треба да биде клучен во обезбедувањето на раст: Интервју со Хозе Мануел Кампа, претседавач на ЕБА
Независноста и транспарентноста на централните банки и регулатори не само што се пожелни - туку тие се клучни за постигнување на финансиска стабилност и одржување на економски раст, вели Хозе Мануел Кампа, претседавач на ЕБА, Европскиот банкарски одбор
Европскиот банкарски одбор (ЕБА – European banking authority), можеби е малку позната во домашната јавност, но како независен орган на ЕУ, игра клучна улога во заштитата на интегритетот и робусноста на банкарскиот сектор на ЕУ за поддршка на финансиската стабилност во ЕУ. Една од најважните цели на ЕБА е да придонесе за стабилноста и ефективноста на европскиот финансиски систем преку едноставна, конзистентна, транспарентна, правична регулатива и надзор што е во корист на сите граѓани. Накусо, како што потенцираат од ЕБА, тие се посветени на зајакнување на финансискиот сектор и заштита на потрошувачите преку здрава регулатива.
За овие цели, неодамна во Скопје зборуваше и претседавачот на ЕБА, Хозе Мануел Кампа, кој учествуваше на Конференцијата на Народната банка која како централна тема ја имаше работата на централните банки во сегашниот предизвикувачки амбиент, пред се задржување на независноста и кредибилитетот во работењето на централните банки, при истовремено зајакнување на капацитетите за исполнување на новите задачи коишто ги добиваат централните банки во изминатава декада. „Независен.мк“ имаше можност на г. Кампа да му постави неколку прашања за некои од клучните теми со кои се соочуваат централните банки, и воопшто банкарскиот сектор, како битката со инфлацијата, каматните стапки, улогата на банките за економскиот раст и развој, влијанието на вештачката интелигенција…
Господине Кампа, ЕБА како независен орган на ЕУ има клучна улога во заштитата на интегритетот на банкарскиот сектор на ЕУ за поддршка на финансиската стабилност во ЕУ. На кој начин придонесувате за остварување на таквите цели?
Како претседавач на Европскиот банкарски одбор, мојата примарна улога е да обезбедам стабилен и отпорен банкарски сектор што најдобро ќе им служи на граѓаните, а во исто време ќе управува со економските шокови. Оваа цел започнува со градење и одржување на силна регулаторна рамка што помага во ублажувањето на ризиците низ финансискиот систем. Оваа рамка е несомнено потребна, со оглед на многубројните кризи со кои европските банки мораа да се соочат: од светската финансиска криза до пандемијата на Ковид-19, а сега и геополитичките и неодамнешните инфлациски притисоци, како и војната во Украина.
Катадневно, нашата работа се фокусира на зајакнување на стабилноста на банките преку воведување на клучни регулаторни реформи, особено оние кои произлегуваат од рамката на третата Базелска спогодба (Базел III). Улогата на ЕБА е клучна во поставувањето на капиталните барања и стрес-тестирањето на банките за да се осигура дека банките може да ги издржат економските падови без да предизвикаат системско оштетување. Овие мерки негуваат доверба во финансискиот систем, што е од клучно значење не само за банките, туку и за нашите економии во целост.
Покрај регулативите, ЕБА работи и на унапредување на супервизорските практики низ цела Европа. Нашата цел е да создадеме рамноправен терен за натпревар, така што банките ќе може непречено да работат надвор од земјата, а со тоа да го олесниме растот на единствениот пазар.
Изминатите години бевме сведоци на висока инфлација, која беше резултат на повеќе фактори – почнувајќи од здравствената криза, енергетската криза, војната во Украина… Како гледате на процесот на намалување на референтните каматни стапки? Во каква „здравствена состојба“ се банките во Европа, како тие се соочија со продолжената кризна ситуација?
Всушност, несигурностите во изминатите неколку години ја тестираа отпорноста на многу индустрии-вклучувајќи го и банкарството, и воопшто, целиот финансиски сектор. Како и да е, со задоволство можам да кажам дека европските банки во голема мера успешно ги избегнаа ваквите облаци. Покрај банките, кои што покажаа дека можат да издржат различни геополитички притисоци, исто така и банкарскиот сектор одигра клучна улога во апсорбирањето и ублажувањето на ваквите шокови за нашите економии.
Што се однесува до каматните стапки, мора да признаеме дека иако пониските каматни стапки првично помогнаа во ублажувањето на непосредното влијание на глобалната финансиска криза, тоа донесе и долгорочни предизвици. Овој амбиент со ниски каматни стапки направи притисок врз нето каматната маргина на банките.
Во поглед на инфлацијата, додека европската централна банка ги покачи каматните стапки за да се избори со ценовните скокови, банките мораа да се прилагодат на ова ново опкружување. Повисоките каматни стапки можат всушност да бидат корисни за профитабилноста на банките преку подобрување на нето каматните маргини, но тие во исто време го зголемуваат ризикот од неизвршување на обврските, особено помеѓу оние должници кои се изложени на заеми со променлива каматна стапка. Решението е да се најде онаа рамнотежа со која се гарантира дека додека банките заработуваат повеќе, тие остануваат претпазливи во нивните кредитни практики за да ја зачуваат финансиската стабилност.
Што мислите за банкарскиот систем во земјава, со оглед на глобалното окружување со какви предизвици може да се соочат банките во земја каква што е Северна Македонија и како тие повеќе да придонесат за растот на целокупната економија на земјата?
Неодамна присуствував на конференција во Северна Македонија на која зборував за подобрување на банкарската регулатива за одржување на финансиската стабилност. Ова треба да е најдобрата практика. Банкарскиот систем во Северна Македонија се соочува со многу од предизвиците со кои што се соочуваме ние во ЕУ, имајќи го предвид денешниот меѓусебно поврзан финансиски амбиент.
Како што веќе напоменав, инфлацијата претставува предизвик за сите нас и мораме да се справуваме со притисокот што го носи и се разбира, геополитичките тензии кои што влијаеја на глобалната економија не поштедија ниту еден банкарски систем. Друг предизвик со кој се соочува не само финансискиот систем, но и секој клучен сектор е постојаната борба против климатските промени и Северна Македонија треба да се подготвува за ризиците кои произлегуваат од нив.
Соочен со вакви предизвици, целокупниот банкарски систем треба да биде клучен играч во обезбедувањето на раст. Покрај ова, сите ние мораме да одржуваме силна регулаторна рамка, во согласност со меѓународните стандарди. Овие мерки ќе бидат суштински за да се осигуриме дека банкарскиот систем останува отпорен и способен да поддржи одржлив раст.
Ќе ги „преживеат“ ли банките големите технолошки промени, како што е вештачката интелигенција, но и напливот на фин тек компании и големите технолошки платформи кои што земаат дел од колачот кој до сега беше резервиран за банките? Наспроти бенефитите кои што ги нудат новите технологии, сведоци сме дека тие придонесуваат за енормно зголемување на измамите во финансискиот сектор. Како граѓаните и компаниите да се заштитат од таквите злоупотреби и што може да направат банкарските регулатори и авторитети да се спречи тоа?
Подемот на новите технологии како што е вештачката интелигенција и појавата на финтек компании секако претставуваат предизвици но исто така и отворени можности за банкарскиот сектор. Банките треба да бидат иновативни и приспособливи доколку сакаат да напредуваат во овој нов дигитален амбиент. Многу банки веќе користат вештачка интелигенција за да ги подобрат услугите за клиентите, да ги оптимизираат нивните операции, и да го зајакнат управувањето со ризиците. Како и да е, вистинскиот предизвик лежи во натпреварувањето со финтек компаниите и големите технолошки платформи кои можат да бидат поприлагодливи и помалку потиснати од претходните системите.
И покрај заканата што ја носат овие нови учесници, банките имаат една значајна предност: довербата. Клиентите се уште ги сметаат банките за посигурни и доверливи кога станува збор за управување со нивните средства и заштеди. Оваа доверба е нивен најголем адут и мора да се одржува преку инвестирање во безбедност на дигиталниот простор и заштитата од измами, кои, како што споменавте, се зголемија со прифаќањето на дигиталните услуги.
Регулаторите се фокусирани на тоа да се осигурат дека технолошките иновации нема да ја загрозуваат безбедноста и стабилноста на финансискиот систем. ЕБА е проактивна во издавањето насоки за употребата на вештачката интелигенција и дигиталните технологии во банкарството, овозможувајќи им на банките да ги усвојат најдобрите практики за раководење, управување со ризиците, и транспарентност. Покрај ова, ние тесно соработуваме со националните регулатори за да развиеме рамки кои ќе ги заштитат потрошувачите а истовремено ќе поттикнуваат иновации.
Централните банка, вклучително и нашата, одговорија на неодамнешната инфлациска епизода со монетарно затегнување и комбинација на макропрудентни мерки во насока на зајакнување на отпорноста на банкарскиот систем и поддршка на монетарната политика. Како ја оценувате ваквата комбинацијата од мерки?
Комбинацијата од монетарно затегнување и макропрудентните мерки е неопходна како одговор на инфлациските притисоци со кои во последно време се соочуваме. Централните банки ширум светот, вклучително и во ЕУ, го усвоија овој двоен пристап за да обезбедат финансиска стабилност. Преку покачувањето на каматните стапки, централните банки директно се соочуваат со инфлацијата, додека макропрудентните мерки, како што е зголемувањето на капиталните побарувања или стрес-тестирањето, им помагаат на банките да останат отпорни во соочувањето со економските шокови.
ЕБА, задно со ЕЦБ, редовно спроведуваат стрес-тестирање, вклучувајќи ги и претстојните стрес-тестирања за климатски промени како дел од кампањата на Европската комисија Fit-for-55, како потврда дека борбата против климатските промени продолжува.
Се разбира, треба да се постави рамнотежа помеѓу одржувањето на ценовната стабилност и гаранциите дека банкарскиот сектор може соодветно да ги поддржи нашите економии. Повисоките каматни стапки, иако неопходни во борбата против инфлацијата, можат непотребно да ги оптоварат кредитокорисниците.
Макропрудентните мерки се гаранција дека банките имаат доволно капитал да ги апсорбираат загубите од нефункционалните кредити и да го одржат кредитниот тек, кој што е клучен за економското закрепнување.
Воведените мерки вродија со плод бидејќи видовме пад на инфлацијата под таргетот од 2% во ЕУ. Иако ова е позитивен знак, сепак мора да останеме внимателни. ЕБА продолжува тесно да соработува со централните банки и државните органи за да го процени влијанието на овие мерки и да се осигура дека банкарскиот сектор останува истовремено отпорен и способен да ја поддржи пошироката економија.
Колку е важна независноста и транспарентноста на централните банки и регулаторите за успешно извршување на нивните мандати?
Независноста и транспарентноста претставуваат темели на ефикасниот централнобанкарски и регулаторен надзор – без кои финансискиот систем не би можел да им служи на нашите економии. Кога централните банки ги имаат потребните овластувања и алатки, тие можат да доведат до реални позитивни промени како што се контролата врз инфлацијата и обезбедувањето на финансиска стабилност.
Тие, не само што мора да бидат независни, туку, како што велите вие, исто така и транспарентни за да бидеме сигурни дека се навистина отчетни, што пак за возврат ја зголемува довербата помеѓу оние кои што зависат од нив, владите, граѓаните, пазарите и пошироката економија.
Оваа добра волја се гради во добри времиња, за да може потоа да се искористи во време на криза или економска несигурност. Транспарентната комуникација од страна на централните банки и регулаторите помага во управувањето на очекувањата и може да ја намали пазарната нестабилност преку појаснување на идните насоки на политиките.
Според мене, независноста и транспарентноста на централните банки и регулатори не само што се пожелни-туку тие се клучни за постигнување на финансиска стабилност и одржување на економски раст.