Банкарите апелираат експозитурите да се посетуваат само кога е неопходно

Се разгледуваат повеќе опции за соодветно натамошно организирање на работата, особено при следните исплати на пензии и на социјална помош кога бројот на клиенти кои ги посетуваат банките е поголем

Од Македонската банкарска асоцијација апелираат до граѓаните, заради заштита на јавното здравје да ги посетуваат филијалите и експозитурите само кога тоа е неопходно и да се настојува што повеќе да се користат услугите за електронско и мобилно банкарство кои во овој период се бесплатно достапни 24/7.

Преку овие услуги може да се вршат трансакции и за плаќање на сметки – услуга за која повеќе граѓани сѐ уште ги посетуваат филијалите и експозитурите“, велат од МБА.

Од МБА исто така се апелира при неопходна посета на филијалите и експозитурите да се почитуваат насоките за соодветна раздалеченост и препораките за самозаштита; да се почитуваат насоките дадени со цел преку чекањето пред филијалите и експозитурите кога тоа е неопходно да не се загрози здравјето како и да се избегнува користењето готовина и при плаќања секаде каде што е можно да се користат платежните картички.

Банките разгледуваат повеќе опции за соодветно натамошно организирање на работата, особено при следните исплати на пензии и на социјална помош кога бројот на клиенти кои ги посетуваат банките е поголем, велат од МБА. Притоа, како што се вели во соопштението до медиумите, се имаат предвид и мерките за временско ограничување на движењето, како и бројноста на персоналот што е активен во овој период во банките, бидејќи дел од вработените се отсутни заради мерките за заштита (родители), а истовремено сите банки имаат креирано и резервни тимови во случај на евентуална контаминација.

„Уверени сме дека во натамошниот период, процесот ќе се одвива поефикасно, со заложба и од страна на банките и од страна на клиентите коишто ќе ги следат препораките“, велат од МБА.

Реакцијата доаѓа откако денес пред банките се создадоа големи редици во кои граѓаните чекаа и по еден час за да дојдат до шалтерите. Притоа, на некои места се создадоа тензии, а некаде граѓаните не ги почитуваа препораките за меѓусебно растојание.

Од МБА велат дека сите банки и штедилници интензивно преземаат активности за заштита на здравјето на своите клиенти.

Исплатата на пензиите и на социјалната помош беше една од причините на зголемен број граѓани кои ги посетуваат филијалите и експозитурите. Банките велат дека вовеле и редарски служби со надворешно ангажирани лица или со вработени од филијалите и експозитурите, секаде каде што било потребно, а се издаваат и броеви за ред за чекање.

„Во текот на денешниот ден, во рамки на овие активности со поддршка се вклучи и Министерството за внатрешни работи, за што искрено сме благодарни. Но, имајќи предвид дека и покрај сите преземени активности, пред некои од филијалите и експозитурите, во текот на денешниот и изминатите неколку денови имаше поголемо присуство на клиенти, апелираме до граѓаните заради заштита на здравјето да ги следат препораките што ги упатуваме во однос на физичката посета на банките“, велат од МБА.

Од таму препорачуваат граѓаните да ги следат комуникациските канали на банките, преку кои се објавуваат и информации за реорганизацијата и промените во работното време, начинот на користење на филијалите и експозитурите (во моментов, влез од 2 до 5 клиенти во исто време) како и за режимот за работа за исплата на пензиите и на социјална помош.