Балтичките земји воведоа санкции за Лукашенко и други белоруски функционери
ВИЛНУС – Литванија, Летонија и Естонија во понеделникот воведоа патни забрани за претседателот Александар Лукашенко и 29 други белоруски официјални претставници, во акција за наметнување санкции пред остатокот на ЕУ.
Трите балтички држави се на чело на повиците до Западот да преземе поцврсти активности против Лукашенко, кој е обвинет дека ги лажирал изборите за да го продолжи своето 26-годишно владеење.
Санкциите се насочени кон официјалните лица кои трите балтички држави ги обвинуваат за местење гласови и за улогата во насилство врз демонстрантите по изборите на 9 август. Вклучувањето на Лукашенко на листата испраќа порака до други европски земји кои не се подготвени да ги поддржат мерките против него лично.
„Рековме дека ни треба мирен дијалог и договор меѓу режимот и општеството, но гледаме дека режимот не е подготвен за тоа“, рече литванскиот претседател Гитанас Науседа. „Гледаме дека треба да одиме напред и да им дадеме пример на другите земји“.
Европската унија работи на свој список на лица во Белорусија за слични санкции, но западните земји претежно се претпазливи за да не предизвикаат интервенција од Русија.
Трите мали балтички држави се во ЕУ и Литванија и Летонија граничат со Белорусија. Литванија е домаќин на кандидатот на опозицијата Светлана Тихановска, која избега таму по изборите на кои нејзините приврзаници велат дека победила. Тихановска ќе се обрати до Советот за безбедност на ОН во петок на покана на Естонија, рече нејзиниот портпарол.
Белорусија е без излез на море и речиси третина од нејзините стоки се зависни од железницата на Литванија и нејзините пристаништа. Белорусија е исто така голема копнена рута за европска стока која оди кон Русија и низ неа поминуваат цевководи што се користат за испорака на руска нафта кон Европа.
Германското министерство за надворешни работи соопшти дека го повикало белорускиот амбасадор во понеделникот како одговор на притворањето на странски новинари во Белорусија. (Ројтерс)