Балтичките држави повикаа на формирање специјален суд за руската војна против Украина


 Балтичките држави Естонија, Латвија и Литванија ја повикаа ЕУ да соработува со меѓународните партнери за формирање специјален суд за војната на Русија против Украина.

„Додека бруталниот напад на Русија против Украина продолжува, ЕУ мора да дејствува за да се осигура дека потрагата по правда и одговорност за ужасните злосторства на Русија во Украина е во центарот на нашата политика“, објавија во заедничка изјава министрите за надворешни работи на трите земји-членки на ЕУ и на НАТО.

Според нив, на клучните нарачатели, поттикнувачи и помагачи на агресијата не смее да им биде овозможено да ја избегнат правдата заради празнина во меѓународната кривична јурисдикција.

Непосредно пред состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург, тројцата шефови на дипломатијата ги повикаа своите европски колеги да продолжат да ги поддржуваат тековните истраги на Меѓународниот кривичен суд (МКС), Украина и голем број други држави.

„Нашите напори не смеат да завршат тука. Во моментов не постои меѓународен суд или трибунал кој би можел да го повика на одговорност највисокото политичко и воено раководство на Русија за извршените злосторства со агресијата врз Украина“, напишаа тие во нивната изјава.

Според балтичките министри за надворешни работи, формирањето специјален трибунал ќе ја надополни улогата на МКС.