„Балконската војна со тенџериња“ во Србија премина во политичка (видео)


„Балконската војна со тенџериња“ како што ја нарекоа медиумите бучавата предизвикана од удирањето со тенџериња, свиркања, музика и факели, која во знак на „протест против диктатурата“ и „подршка за власта“ веќе четири дена се одвива по терасите, прозорците и крововите на зградите во Србија за време на полицискиот час, како што јави дописникот на МИА од Белград, се повеќе добива политичка димензија.

Денес министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ, за кампањата „Бучава против диктатурата“ изјави дека тенџерињата и садовите треба да се користат за она за што се продаваат, а сè друго се решава на изборите и оцени дека дел од опозицијата преку пандемијата се обидува да ја собори власта.

-Јас би се израдувал ако тие излезат на гласање. Едвај чекам. Ајде сите на избори за да видиме кој колку има поддршка, дали народот го поддржува или не сето она што е направено. Имате еден листа, друг листа, трета…, изјави Дачиќ за ТВ Прва.

Тој посочи дека изборите не можат да бидат закажани како што некој ќе посака.

-Кога ќе заврши вонредната состојба, остануваат уште пет до шест недели, а потоа следуваат избори, кажа Дачиќ, додавајќи дека нивното преместување повлекува и носење на “leks specijalis”.

Од српската опозиција денес побараа итна седница на советот на РЕМ на која би се донело решение за одземање на фреквенцијата и лиценцата за Радио Пинк, во согласност со Законот за електронски медиуми, затоа што три вечери по ред емитува седумминутно пцуење и навреди со конкретни имиња во времето на контрапротестите, соопштија од Сојузот за Србија (СзС).

СзС наведува дека „Радио Пинк, со злоупотреба на лиценцата тоа го прави по наредба на Александар Вучиќ, со што учествува во организираната група на хулигани, кои за време на полицијскиот час насилно упаѓаат во одредени станбени згради и на покривите на зградите, поставувајќи звучни системи од кои емитуваат псовки и навреди, што потоа го објавува тоа радио.“

Во соопштението се вели дека „станарите на овие згради се изложени на закани и терор од хулигани на режимот кои имаат заштита на полицијата која не реагира на пријавите на граѓаните и само е прашање на време кога ќе дојде до физички судири“.

И додека Асоцијацијата за уставна и правна заштита (УЗУЗ) објави дека новинарот на радиото „ДИР“ од Кикинда, Дарко Вараѓанин, бил нападнат додека снимал група граѓани кои за време на полицискиот час емитувале антиопозициски пораки во градот, се огласија од Иницијативата „Не дави го Белград“ со оценка дека одлуката да се запалат факелите и силното озвучување, како и организирањето на протести на „властите против граѓаните“,во време кога други средства не се достапни заради опасност од пандемија, се одраз на слабоста и стравот на српскиот претседател Александар Вучиќ.

Во меѓувреме, по прозивките на опозицијата за „масовното кршење на забраната за движење“, и информациите на ТВ Н1 дека „граѓаните на лицата со факели, наместо со повикување полиција им се заканувале дека ќе ја повикаат таа телевизија,“се огласи и министерот на полицијата Небојша Стефановиќ кој побара да „се остават на старана политичките разлики и сите да ги почитуваат мерките“, порачувајќи дека полицијата ќе продолжи да си ја врши работата и ќе интервенира, без разлика на сите малициозни коментари.

Оваа порака на Стефановиќ дојде по изјавата на претседателот Александар Вучиќ, дека „е сигурен дека надлежните ќе превземат мерки и дека сите прекршителите на полицискиот час, кого и да политички подржуваат, ќе бидат приведени и казнети.“