Балканските земји економски се оддалечуваат се повеќе од ЕУ


Балканскиот експерт Душан Рељиќ рече дека не верува оти во догледна иднина ќе има проширување на Европската унија кон земјите од Западен Балкан и оти причина за тоа не се должи само на недоволните реформски процеси, туку  на проширување на социо-економски јаз меѓу тие земји и ЕУ, при што ниту Унијата нема искрена желба да ги прими.

„Со исклучок на Албанија, сите земји имаат отворени гранични прашања. И дури и да ги спроведат потребните реформи, тоа останува камен на сопнување. Но, она што е уште поважно е што овие земји се повеќе се оддалечуваат од ЕУ социо-економски. Ова е една од последиците што ги имаат економските односи со Унијата“, изјави Рељиќ за швајцарскиот дневен весник Noje zircher Zeitung.

Тој рече дека Берлинскиот процес, кој треба да ја забрза конвергенцијата на земјите од Западен Балкан кон ЕУ, е создаден со погрешна премиса, „имено со идејата дека соработката на шест сиромашни земји може да создаде импулс за раст“. 

„Тие земји се веќе цврсто интегрирани на европскиот пазар, тие се отворија за тој пазар и тој ги вовлече – но како земји со ниски плати без изгледи за раст. Исто така, се подразбира дека, за разлика од нивните соседи од ЕУ – Хрватска, Романија, Бугарија или Грција не добиваат значителен финансиски трансфер од Брисел и тоа предизвикува последици“, рече Рељиќ.

Рељиќ потсети и дека земјите од Западен Балкан во последните години имаат акумулирано трговски дефицит од речиси 100 милијарди евра.

„Овде главно се произведуваат само полупроизводи, кои потоа земјите од ЕУ ги вметнуваат во синџирот на создавање нова вредност. Луѓето работат за ниски плати и имаат мали шанси тоа наскоро да се подобри. Оттука и огромната емиграција во ЕУ, имено на 250.000 луѓе годишно одат на тој пат“, рече Рељиќ.

Според него, ова иселување има ефект средната класа да се топи се повеќе и дека „автократите како српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама“ се соочуваат со сè помалку предизвици во нивните земји.

„Едноставно, недостига критична маса граѓани кои се борат за демократија и владеење на правото“, рече Рељиќ, прецизирајќи дека, напротив, се појавува мал, делумно криминализиран слој на многу богатите и голем слој на се посиромашни, додека на пазарот на трудот има се помалку квалификувани експерти.

Запрашан за војната во Украина и за руското влијание на Западен Балкан, Рељиќ рече дека целата приказна е „надуена, како што им одговара на сите“, бидејќи целиот Западен Балкан е опкружен со членки на ЕУ и НАТО, а некои земји во регионот се исто така членки на алијансата.

„На овој начин Русија може да се чувствува како голема сила, иако нејзиното економско влијание во регионот е многу мало. Србија се обидува да изнуди отстапки од Западот играјќи на руската карта. А Западот го користи тој наратив за да биде присутен во регионот, без всушност да го интегрира“, рече Рељиќ.

Рељиќ оцени дека за Западен Балкан многу би значело доколку имаат добра финансиска поддршка од Брисел, како што некогаш тоа го правеа Бугарија и Романија, кои успеаја да излезат од стагнација.

„Но, политичката цена за канцеларот  Олаф и неговите колеги е превисока за тие да се осмелат да преземат таков чекор. А, Планот за раст создаден од шефот на Европската комисија во 2023 година е само капка вода на жежок камен. Станува збор за две милијарди евра субвенции и четири милијарди заеми“, рече Рељиќ.

Тој оцени дека земјите од Западен Балкан „можат да добијат такви заеми под исти услови од Кина или Арапите“, а дека „две милијарди грантови, поделени меѓу сите земји, се многу малку“.

„Уделот на Србија одговара приближно на годишниот буџет на една белградска општина“, рече Рељиќ.