Балканските лидери не ги осудија бугарските уцени спрема Македонија
Во завршната Декларација се споменува барањето Албанија и Македонија веднаш, без одлагање, да ги почнат преговорите со ЕУ, но не и бугарската блокада
Денешниот самит на претседателите на државите од Западен Балкан, плус домаќините Словенија и Хрватска на самитот на процесот Брдо-Бриони заврши со компромисна декларација, во која беше силно нагласена потребата сите земји од регионот да ги почнат преговорите со ЕУ, но без да се заложат за непроменливоста на границите.
Регионалните лидери во Декларацијата наведоа: „Силно се залагаме за итно отворање на преговорите за членство со Албанија и Северна Македонија, без натамошно одлагање“. И ја поздравија намерата на Словенија да одржи самит меѓу ЕУ и Западен Балкан за време на нејзиното претседавање со ЕУ. Како и да го вклучи Западен Балкан во Конференцијата за иднината на Европа која започна на 9 мај оваа година.
Но, изостана споменувањето на уцените на Бугарија спрема Македонија за почнување на преговорите.
Тоа го нагласи и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ по завршувањето на состанокот. Милановиќ, кој е ко-претседавач на Процесот, блокадата на Бугарија ја објасни на нему својствен експлицитен начин:
„Северна Македонија е во невозможна позиција и ние воопшто не го допревме тоа во денешните разговори и во текстот на денешната Декларација, ниту, пак, Македонците воопшто инсистираа на тоа“, рече хрватскиот претседател, објаснувајќи дека тоа се услови поставени за нив. „Тие се однесуваат на содржината во некои учебници по историја во Македонија. Хрватска и Словенија имаа многу жива и динамична врска. Словенија постави некои услови, но јас никогаш не чувствував и не видов дека Словенија сака да ѝ напакасти на Хрватска или да ја спречи, понижи. Она што официјалната политика на една членка на Европската унија и го прави на Северна Македонија сега е она што јас го нарекувам влегување во туѓото, влегување во интимен простор. Да се замоли земја кандидат, која е во процес на преговори за членство, да ја дефинира нејзината национална генеза во учебниците по историја како што бара соседната држава“, рече Милановиќ, нагласувајќи дека упорно ќе се спротивставува на тоа.
Во својата изјава, во која тој најмногу зборуваше за Македонија велејќи го и ова:
„Ако вашата цел е да го уништите послабиот од себе само затоа што тој е послаб, тоа никогаш не завршува добро. Тоа е една од пораките што не ги испративме денес во текстот на Декларацијата. Не сме се занимавале со работи што се од егзистенцијално значење за земјите кои сакаат да станат членки на Европската унија“, заклучи Милановиќ.
Според него, Хрватска и Словенија се тука за да им помогнат на земјите во процесот на интеграција. „Мотивот не е ниту менторство, ниту туторство, ниту кариерна или биографска компонента за кој било од нас, туку да им помогнеме на државите, бидејќи во тоа го гледаме нашиот интерес“, рече хрватскиот претседател.
„Никогаш порано не сме го решавале прашањето за границите, бидејќи тоа секогаш би ги загрозило самитот и заклучоците на самитот“, рече словенечкиот претседател Борут Пахор. Тој повтори дека ја отфрла идејата за промена на границите, што стигнаа од нон-пејпери и предложи во декларацијата да се најде заклучок за неповредливоста на границите. „Вучиќ предложи амандман со кој би се поништиле дипломатските напори за признавање на Косово. Се очекуваше дека Вучиќ ќе се спротивстави на ова, и тоа го стори. Ве молиме, не потценувајте ги другите пораки на оваа средба“, рече Пахор.
Од другите пораки најважна е дека „Западен Балкан е дел од Европа и обединувањето на Европа не е завршено без Западен Балкан… Проширувањето на ЕУ кон целиот регион на Западен балкан е политички, безбедносен и економски интерес на ЕУ, геополитчка нужност и најважен политички предуслов за стабилна, просперитетна и одржлива иднина на Европа“. (Н.В.)