Балканскиот медиумски камион ја започнува својата турнеја


Балканскиот медиумски камион ја започнува својата турнеја низ 20 градови во шест земји од
Западен Балкан: Косово, Босна и Хецеговина, Црна Гора, Албанија, Северна Македонија и Србија, во периодот од септември до ноември 2025 година. Првата станица е Призрен во Косово, на 8 септември, па продолжува во Митровица на 9 септември, Пеќ на 10 септември, за на 11 септември ја заокружи косовската турнеја во Приштина.
Балканскиот медиумски камион е патувачка платформа во рамките на која се истражуваат вести, слики и критичко размислување. На секоја станица, камионот застанува на централни јавни простори и нуди проекции, квизови и разговори за тоа како настануваат информациите, како се споделуваат и како ги доживуваме. Можност да се собереме, да размениме мислења и да ги согледаме вестите од друга перспектива. Целта е да се поттикне критичко размислување,
медиумска писменост и отворен дијалог за улогата на информациите и влијанието на
дезинформациите во секојдневниот живот.
А зошто да зборуваме за медиумска и информациска писменост? Затоа што сите сме постојано
изложени на најразлични вести – на социјалните мрежи, преку медиумите или едноставно на
улица. Но како да знаеме што е вистина, што е преувеличување, а што е целосна измислица?
Медиумската и информациската писменост ни помага да разликуваме факти од измислици, да
разбереме како се создаваат вестите и да го зајакнеме критичкото размислување.
Доколку сакате да дознаете повеќе, погледни ја целата програма, говорниците, распоредот и
локациите на следниов линк: https://balkan-voices.com/BALKAN-NEWS-TRUCK/ .
Балканскиот медиумски камион е иницијатива што ја спроведува CFI – Француската Агенција за развој на медиуми во партнерство со Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис, а со поддршка на Министерството за Европа и надворешни работи на Франција, во рамките на проектот Shared Horizons.