Балканот треба да стане оаза на мирот, вели Владимир Пивоваров


 

За да дојде до ширење на војната надвор од сегашните нејзини граници, потребно е да бидат исполнети многу предуслови. Несериозно е да се прават паралели помеѓу оваа војнa во Украина и Балканот пред сѐ од геостратешки причини. Но секако будно треба да се следат сите збиднувања бидејќи лесно и брзо може да дојде до ескалација, вели во разговор за „Локално“ националниот координатор на Владата за гранично управување, Владимир Пивоваров во однос на можноста од излевање на тензиите на Косово.

„Секоја од завојуваните страни и агресорот и онаа земја која се брани, презентираат свои ставови за да ја оправдаат својата позиција. Токму тоа е она што го нарушува меѓународното право, а кога тоа ќе се наруши во светот почнува да владее правото на џунглата односно се создава хаос. Секоја војна завршува со преговори на зелена маса и на крај се поставува прашањето зошто пред да почне војна спорните прашања да не се решат по дипломатски пат без да има жртви и разурнувања“, вели Пивоваров.

Владиниот координатор смета дека изразот „Балканот ќе стане буре барут“ е веќе минато.

„Сведоци сме на многу иницијативи кои го зборуваат токму спротивното на пр. Отворен Балкан, заеднички гранични премини, заеднички гранични патроли, зголемена трговска размена, но сепак малкуте хушкачи на војната се обидуваат преку своите ставови да го креираат јавното мислење. Доста му е од војни на Балканот, а неговата иднина е да прерасне во оаза на мирот“, оценува Пивоваров.