Балканот се тресе: По силниот земјотрес во Албанија, повеќе од 60 помали потреси во Црна Гора


Институтот за сеизмологија на Црна Гора забележа над 60 земјотреси со помал интензитет.

По двата големи земјотреси кои ја погодија Албанија вчера по 16 часот, а се почувствуваа многу силно и во Црна Гора, Институтот за сеизмологија на Црна Гора регистрираше повеќе од 60 земјотреси со помал интензитет, изјави сеизмологот Марин Чавелиќ.

Тој за РТЦГ рече дека по толку силни земјотреси вообичаена појава е серија помали потреси, кои, како што вели, сигурно ќе продолжат и во наредните денови.

„Силниот земјотрес се случи синоќа, 7 минути по полноќ. Земјотресот беше со јачина од 4,8 степени според Рихтеровата скала и беше регистриран на истата локација како претходниот – 34 км западно од Тирана во Јадранското Море“, рече Чавелиќ.

Најмалку пет земјотреси се случија во регионот во текот на ноќта. Земјотрес кој траеше неколку секунди ги разбуди граѓаните на Босна и Херцеговина и беше почувствуван на подрачјето Тузла, Лукавац и Сребреник. Земјотресите синоќа, исто така, не престанаа ниту во Албанија.