Балканот низ анегдоти: Скопје ќе ја памети книжевната вечер со Мухарем Баздуљ


Синоќа, градината на кафе-книжарницата Буква во срцето на Скопје беше сведок на прекрасна вечер посветена на креативноста на исклучителниот гостин на српскиот Културно-информативен центар СПОНА, Мухарем Баздуљ, кој го претстави актуелниот роман „Невидлив придружник“ на читателите во Македонија, неодамна објавен во издание на белградска „Лагуна“. Романот се промовира во Скопје, 15-тина дена пред официјалната промоција во Белград.

Во претходно интервју за „Независен“, наградениот автор, истакна дека „дека романот воопшто не е автобиографски. Во него, се разбира, има детали кои ги „превземав“ од мојот живот, но има уште повеќе детали од туѓите животи. Основните биографски детали на главниот протагонист немаат речиси никаква врска со мене. Но, повторно, освен во научната фантастика, читателите често мислат дека писателот секогаш пишува за сопствениот живот. Во поширока смисла ова е точно бидејќи сè во животот писателот може да послужи како инспирација, но вистинската автобиографија е нешто сосема друго“, истакна меѓу другото Баздуљ, за новиот роман.

За литературата на Баздуљ, синоќа, зборуваше македонскиот писател Александар Прокопиев кој се осврна на актуелниот роман „без ентер и интерпункциски знаци“.

Двајцата ги врзува долгогодишно пријателство од Белград, анегдоти од патувања и неговата фасцинација со Баздуљ како лик. Се зборуваше за Балканот, кој за авторот, како што истакна во интервјуто,  е и „буре барут“ и „поле за културен натпревар меѓу народите“ во зависност од историскиот момент и од гледишта.

„Но, го сакам Балканот и мислам дека е прекрасно и инспиративно мести за уметниците. Дерогирањето на Балканот често доаѓа од луѓе кои остатокот од светот тие всушност малку го знаат“, вели Баздуљ.

Се зборуваше и за Македонија, Скопје, градот на Џони Штулиќ,  на Леб и сол, градот на архитектурата на Кралството Југославија во периодот по Првата светска војна во 1918 година до почетокот на Втората светска војна во 1941 година.

На дружбата со овој врвен писател, преведувач, новинар…, роден во Травник 1977 година со адреса во Белград, автор на околу 15 книги („Рококо календар“, „Квадрат корен на животот“, „Последниот човек“ …), од кои некои преведени и на македонски („Лука од марципан“, „Ѓаур и Зулејха“), добитник на грст награди („Сташа Маринковиќ“, „Богдан Тирнаниќ“…), покрај фанови на убавиот збор и интелектуален дух од Скопје, дојдоа и гости од Куманово, Тетово, Гостивар…
За погледите на Баздуљ за животот зборуваше првиот човек на СПОНА, Милутин Станчиќ, кој се осврна на високото ниво на информираност на угледниот гостин, додека новинарот Иван Беќковиќ, кој беше домаќин на овој настан, покрај инспиративната најава за ексклузивниот гостин, зборуваше и за музиката со Мухарем…

По промоцијата, многубројна публика долго остана во „Буква“ да се дружи со Баздуљ, да се фотографира, што е вообичаено за вакви настани и да се потпишува на книги.

И сите се согласија дека Баздуљ и СПОНА подготвија прекрасна вечер во „Буква“. (Л.С.)