Балканот бележи црни рекорди


На Балканот се води битка за кревети за болните од Ковид-19, откако повеќе држави продолжија да бележат црни рекорди во пандемијата, пишува денешен „Дојче Веле“.

Грчките власти презедоа две приватни клиники во Солун додека јавните болници се обидуваат да се справат со зголемувањето на бројот на новозаболени од коронавирус. Грчкото Министерство за здравство објави дека приватните болници го одбиле барањето за обезбедување кревети на доброволна основа за лекување на пациенти со Ковид-19.
„И покрај напорите, не најдовме заедничко прифатливо решение“, соопшти Министерството, додавајќи дека започнало со присилно преземање на двете клиники заедно со персоналот. Едната клиника има 110 кревети, а другата 140. Државата ќе исплати надомест за користење на клиниките и плати на вработените во периодот во кој тие ќе се користат за лекување на пациенти со коронавирус. Според последните податоци, во Грција се потврдени над 85.200 случаи на заболени, од кои речиси 1.350 починале.

Во Бугарија, веќе четврти ден по ред има повеќе од 100 починати од вирусот. Во изминатите 24 часа таму се регистрирани 3.899 нови случаи на Ковид-19.

Во Бугарија четврти ден по ред има над 100 починати од коронавирусот.

Нови мерки во Хрватска

Во Хрватска, од недела стапуваат на сила нови мерки, вклучително и обврска за носење маска на отворено кога не може да се обезбеди далечина, забрана за собирање по 22 часот, спортски настани ќе бидат без публика, собири се ограничени на најмногу 15 лица кога станува збор за свадби и 25 лица за на погреб. Максимум 10 лица можат да се соберат за сите други приватни собири.

Во текот на последните пет дена од ноември, повеќе луѓе починаа во Хрватска отколку во првите шест месеци од епидемијата на коронавирус, пишува „Јутарњи лист“. Весникот наведува дека бројот на смртни случаи расте од ден на ден и посочува дека само во последните пет дена, не сметајќи ги денешните 57 смртни случаи, 194 лица починале од коронавирус. Тоа е, се наведува, повеќе отколку во првите шест месеци од пандемијата, кога починаа 187 лица.

Во Србија во последните 24 часа починаа 30 заболени од вирусот. На респиратори моментно се приклучени 192 пациенти, додека вкупниот број на хоспитализирани е 5.803.

И Црна Гора урива рекорди откако денеска беа регистрирани 502 новозаразени, а девет лица починаа. Уште позагрижувачка е ситуацијата во Босна и Херцеговина каде во изминатото деноноќие се тестирани 4.082 луѓе, а позитивни на Ковид-19 биле 1.237. Починаа 56 луѓе.