Балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон“ на НОБ гостува во Софија


Националната опера и балет денеска гостува со балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон“ на Софискиот фестивал на музички театар. Режисер е Олга Панго – примабалерина, кореограф и директор на Балетот на НОБ, јавува дописникот на МИА од Софија.

Претставата ќе биде изведена во Паркот на Воената академија во Софија, а доколку времето е лошо, ќе се игра на сцената на Музичкиот театар.

Во рамките на фестивалот, на голема сцена во Музичкиот театар, Олга Панго ќе зборува за тенденциите на современиот танц во класичниот балет. Таа ќе го сподели своето искуство за кореографијата во мјузиклите и за потребата од нови движења во современите балетски и танцови претстави.

Со претставниците на Националната опера и балет, Панго претходно ќе го посети Културно-информативниот центар на Северна Македонија во Софија и ќе има средба со неговиот директор Сашко Насев, кој ќе ги запознае со односи меѓу двете земји во областа на културата.