Балетот „Жизел“ е магичен и со костимите на Ношпал-Утре нова претстава во НОБ

Балетот како една од најубавите уметности претставува симбол на единство на телото, разумот и срцето. Потребен е огромен труд, посветеност, дисциплина… Но во секоја професија тоа е неопходно за високи цели.
Визуелен празник за сите сетила беше во саботата обновената по 22 години балетска премиера „Жизел“ на сцената на Националната опера и балет во Скопје.
Од неговата праизведба во Париз 1841 па до денес, тоа е еден од ретките балети кој има непрекината традиција на изведување.

Утре (3 ноември) , на истата сцена, во 20 часот, ќе се одржи магичната и безвременска приказна за несреќната љубов, преточена во музиката на францускиот композитор Адолф Адам, со првенката Мими Поп Алексова Атанасовска во насловната улога.
Костимите се дело на нашиот познат костимограф и дизајнер Александар Ношпал, кој за оваа балетска премиера заедно со Михајло Стојановски ја изработија и сценографијата.
-Костимографијата е моја љубов и вечна инспирација, никогаш нема да престанам да се занимавм со неа. Таа бара и малку поинакви познавања на многуте нешта, бара широк ум, поголемо истражување, образование и интелигенција. Костимографијата се смета за самиот врв во креирањето на облеката: не е случајно што многу познати модни имиња сакаат и се радуваат на работата во театарот, посебно во балетот, кој е најдиректно поврзан со комоцијата и убавината на човечкото тело, но во движење. Поточно: со тело во „максималното“ движење, вели Ношпал.
За дизајнот на костимографијата во „Жизел“ се придржувал кон стандардните односно класичните принципи на белиот балет.
-Тоа значи дека изборот на материјали (од Македонија) и начинот на изработка на костимите ги следат стандардите на класичниот романтичен балет, притоа придржувајќи се кон стандардните композициски целини потребни да се одвојат и окарактеризираат назначените ликови и улоги. Боите и материјалите го отсликуваат периодот односно годишното време во кое се случува дејствието, а формите се преземени од историскиот костим во романтизмот, што претставува своевидно поместување од оригиналниот опис на либретото, вели Ношпал.

Сепак, поради трагиката во самото дејствие на претставата, сцената и дизајнот на светлото се темни.
-Со користење на контрастите „светло-темно“, создадени се слики кои се инспирирани и потсетуваат на делата на старите мајстори во холандското сликарството во 17 век – Вермер и Рембрант, објаснува Ношпал во улога на сценограф.

Адаптацијата на кореографијата е на Ирена Пасариќ од Хрватска, според кореографијата на Жан Корали, Жил Перо, Мариус Петипа и Леонид Лавровски. Пасариќ е хрватска примабалерина со богата домашна и меѓународна кариера, како и поранешен директор на Балетот на Хрватско народно казалиште (ХНК) во Загреб.

Ова е 72 претстава со потпис на Ношпал како костимограф. Лани, по неговите најдобри и воедно најтешки проекти — кои ја одбележаа неговата кариера —реализирани надвор, во големи и познати театарски куќи: Лебедово езеро и Оревокршачка во Операта во Лајпциг; Атмосфери во Балетот на Рајна во Дизелдорф; Калигула во Сент Гален, Швајцарија; големиот број балетски претстави во ХНК — Сплит и ХНК — Риека; Песни без зборови — дел од балетниот триптих во ХНК — Загреб, каде што неговите костими се рамо до рамо до оние на Версаче, нашиот врвен креатор и костимограф оствари уште еден професионален сон- да дизајнира костими за славниот театар „Бољшој“ во Москва кој ги отвори вратите за публиката по пауза од шест месеци заради коронавирусот. Премиерата на „Силентиум“ се случи на 10 септември, во кореографија на Мартен Шекс со кој Ношпал одамна соработува и со врвни балерини и балетани на сцена како примабалерината Светлана Захарова, Џакопо Тиси… (Л.С.)