Балетот „Ана Каренина“ вечер во НОБ


 Во Националната опера и балет (НОБ) вечер и на 26 јуни ќе биде изведена балетската претстава во два чина „Ана Каренина“,  со избрана музика од Петар Илич Чајковски.

-Преку современите кореографски решенија сoединети со класичен балет на Лео Мујиќ од Хрватска, минималистичката, но ефектна сценографија, прекрасните костими на Александар Ношпал, ќе видиме едно интересно визуелно, динамично и полно со страст балетско видување на познатиот роман „Ана Каренина“ на големиот руски писател Толстој, соопштија од НОБ.

Како што посочуваат, во повеќе од два часа, балетските уметници од Националната опера и балет со впечатливиот, емотивниот до исцрпување танц и инспиративните движења ќе ги пренесат сите емоции кои го означуваат ова дело: љубов, страст, омраза, лутина, гнев, љубомора, тага, мајчинска болка…

Во главните улоги ќе настапат Мими Поп Алексова Атанасовскa, Марија Кичевска Шокаровска, Бобан Ковачевски (Балаж Лочеи, Унгарија), Гиљерме Алвез (Португалија).

Настапуваат истакнати солисти и целиот балетски ансамбл на Националната опера и балет.