Балансерот и официјално укинат
Уставниот суд денеска на седница донесе одлука за укинување на балансерот – алатката за вработување според национална припадност во државните институции. Одлуката нема да важи ретроактивно.
Уставниот суд на 18 септември на седница расправаше дали со наведувањето на припадноста на заедницата којашто е потребна за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно место, односно дали со „обврска на кандидатите за админстративни службеници во пријавата за вработување меѓу останатите лични податоци да наведат и припадност на заедница“ се нарушува начелото на стручност и компетентност и се повредува и уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување.
Во образлоежението на Уставниот суд се вели дека тој укинал делови од одредби на Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за административни службеници, Методологијата за планирање на вработувањата на јавниот сектор кои ги содржат зборовите „припадност на заедница, Правилникот за задолжителни елементи на јавниот оглас, Правилникот за формата и содржината на регистарот на вработените во јавен сектор“, како спротивни на Уставот.
Со оспорените одредби законодавецот наметнува обврска на кандидатите за административни службеници во пријавата за вработување да се изјаснат за припадност на одредена заедница, со што директно се прекршува уставното загарантирано право на слободно изразување, односно неизразување за одредена национална припадност, односно припадност на заедница.
Уставниот суд веќе има одлучувано за вакви прашања и во предметот У.бр.92/2023 од 28.02.2024 година укина одредби од Законот за матичната евиденција и зазема став дека националната припадност е лично чувство на граѓанинот и како такво може да биде менливо, но и му остава право на избор на граѓанинот да се изјасни за својата припадност, или да не се изјасни.
Судот утврди дека оспорените одредби се спротивни на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот; слободното изразување на националната припадност и соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа, владеењето на правото и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународносто право како темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија загарантирани со член 8 став 1 алинеи 1, 2, ,3 и 11 од Уставот.
Судот оцени дека не е почитуван уставниот принцип на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, кој е утврден со член 9 од Уставот, како и правото на достапност на секое работно место, секому под еднакви услови, загарантирани со член 32 од Уставот, а со тоа и повредуваат и членовите 25 и 54 од Уставот.