Баку и Ереван меѓусебно се обвинуваат за прекршување на денеска постигнатото примирје
Ерменските и азербејџанските сили во последните неколу часа меѓусебно се обвинуваат за почнување нови напади и прекршување на примирјето што стапи во сила утринава по локално време или во 12 часот по средноевропско.
По два дена преговори во Москва, шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров утринава соопшти дека дипломатските делегации на Еременија и Азербејџан постигнале договор за прекин на огнот и хуманитарна размена на заробеници и убиени, со кој требаше да се стави крај на борбите во спорниот регион Нагорно-Карабах.
-Прекршувајќи го претходно најавениот прекин на огнот, азербејџанските сили во 12.05 часот извршија напад врз Караханбејли, локација на линијата на фронтот, изјави портпаролката на ерменското Министерство за одбрана Шушан Степанјан.
„Армијата на Нагорно-Карабах презема чекори за одбивање на нападот“, додаде таа.
Азербејџанското Министерство за одбрана, пак, соопшти дека 30 минути по стапувањето во сила на прекинот на огнот, ерменските сили ги гранатирале областите Тертер и Агдам.
„Ерменија очигледно го прекршува примирјето“, соопшти азербејџанското Министерство за одбрана, додавајќи дека на линијата на фронтот дошло до двонасочни напади.