„Бакхи: Агава“, „Спасени“ и „Кенди“ вечер на МОТ

Во рамките на 48.издание на фестивалот МОТ, вечер на репертоарот ќе бидат театарските претстави од селекција за наградата Биш. На малата сцена на МНТ ќе биде прикажана претставата „Бакхи: Агава“, а во МКЦ ќе бидат прикажани „Спасени“ и „Кенди“.
Како што соопштија од тимот на МКЦ, „Бакхи: Агава“ е претстава што ги поставува прашањата за издржливоста, страдањето, но и моќта на една жена. Играат Симона Спировска и Александар Михајловски. Костимографија е на Ивана Каранфиловска Угуровска, а сценографија на Ангел Петровски. Автор е Еврипид, Тамара Барачков, во режија на Нина Николиќ.
„Спасени“ зборува за осаменоста на луѓето во ова сурово и цинично време. Специфичната фрагментарна драматургија на текстот, едноставниот јазик и суптилната духовитост се фундаментот на оваа претстава, а преку брзиот ритам и динамичното темпо како сложувалка се открива приказната на десетте ликови, кои по некоја „случајност“ се наоѓаат заедно на ова патување. Несреќата со возот го менува светогледот на преживеаните патници и нивниот однос кон животот се редефинира и добива една сосема нова смисла.
Во претставата играат Хари Михајловски, Мирјана Трпковска, Васко Костовски, Кире Ацевски, Владимир Петровиќ, Јоанис Далајоргос, Ведран Чешарек, Елена Кузманов, Горан Ников, Ања Митиќ.
Сценографија е на Милка Черепналковска, а ссистент на сценографија е Екатерина Николовска. Автор е Томислав Зајец, во режија на Дамјан Костовски.
„Кенди“ е дуодрама што зборува за зависноста кај младите со фокус на опијатната зависност. Претставата е анатомија на една љубов, шетање низ спомените на еден пар чија љубовна врска постепено се изобличува, станува механичко трагање по еуфорија, бегство од притисокот на секојдневниот живот и траумите. Играат Лео Поповиќ, Бобан Алексоски. Адаптација е на Тамара Стојаноска, а музика на Лука Тошев. Автор е Лук Дејвис и текстови од ХОПС, во режија на Тамара Стојаноска.