„Бајки од Македонија“ и „Басни од Македонија“ отсега и на јапонски јазик
Бајките „Момчето што се скри во златното јаболко“, „Вејко Северко“, „Двата цара“, „Девојчето и дванаесет месеци“ и басните „Војската на лавот“, „Лакомата меца“, „Кучето и зајакот“ и „Жабата и зајакот“ што се дел од изданијата „Бајки од Македонија“ и „Басни од Македонија“ отсега се достапни и на јапонски јазик.
Според Ангелка Пеева Лауренчиќ, член на извршниот одбор на „Движењето за креативност Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“, фактот дека во „Бајки од Македонија“, сега ќе можат да уживаат и најмладите Јапонци е најголемата награда за вложен труд, време и средства, но и најмоќниот начин за ширењето на македонската автентична култура низ светот.
– Тоа е потврда дека вистинските вредности секогаш се препознаваат. Фактот дека овие изданија успешно ги надминуваат националните културолошки рамки и нивните универзални пораки допираат до секој човек на планетава е огромна сатисфакција за оваа наша хуманитарна работа. Продолжуваме со иста посветеност да создаваме нови успешни приказни, порача таа.
Досега „Бајки од Македонија“ се преведени на седум јазици и на Брајовото писмо, наградувани се во светот и во земјава и се едни од најпродаваните книги за деца кај нас. „Бајки од Македонија“ и „Басни од Македонија“ се во издание на Движењето за креативност Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“, а во соработка со издавачката куќа „Арс Ламина“. Јапонските изданија се веќе достапни во училишните библиотеки во Јапонија.
Изданијата на јапонски јазик се дел од проектот „Град домаќин“ што го реализира Асоцијацијата за култура на градот Чагасаки, Јапонија. Оваа асоцијација е волонтерска и работи на проекти чијашто цел е поголемо поврзување помеѓу различни култури во светот. Начинот на раскажување е близок до традиционалниот јапонски стил камишибаи, кој користи слики за раскажување приказни и е познат како еден вид уличен театар.
Главниот уредник на „Арс Ламина“, Бранка Бугариска посочи дека „Бајки од Македонија“ и „Басни од Македонија“ не само што беа одлично прифатени туку истовремено ја потврдија својата вредност и популарност, поради што и доживеаја неколку реизданија на домашниот пазар.
– Истовремено, успешно се наметнаа и на интернационалните пазари. Прод олжуваме да го развиваме овој проект и да создаваме жива култура што ќе биде широко прифатена, истакна Бугариска.
Во тек е и проектот „Современи бајки од Македонија“, чијашто цел e да создаде можност за авторски израз на млади автори и илустратори. На конкурсот за современи бајки беа избрани бајките „Перуника“, „Бакнежот на пролетта“, „Сончевото момче Ил“ и „Осаменото дрво“. На отворен конкурс беа избрани и илустраторите, чиишто визуелни решенија се во завршна фаза.